Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема: – брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство; – поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството; – браќа и сестри, полубраќа и полусестри; – постарите членови во семејството или заедничкото домаќинство; – лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство: „насилство врз жените“ се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

„Кризниот центар „Надеж“ претставува здружение на граѓани за заштита на жртви од семејно насилство и нуди правни и психолошки услуги, советување и упатување на жртвите и оние кои го пријавуваат насилството преку своите телефонски линии: Национална СОС линија 15-315 и Телефонот на Доверба 02/3 173-424.

Центарот ги нуди следниве услуги:

1.      Кризно советување и упатување преку СОС линиите за помош (Национална СОС линија 15 -315 и Телефонот на Доверба 02/3 173-424 )

Националната СОС линија и Телефонот на Доверба се достапни за целата територија на Р.Македонија, 24 часа седум дена во неделата. Информациите што се споделуваат на СОС телефонот се доверливи и се внимава на зачувување на приватноста. На линиите работи персоналот на Кризен Центар Надеж, односно обучените волонтери и супервизори кои во зависност од природата на повикот ги упатуваат жртвите или потецијалните жртви на семејно насилство кон понатамошните чекори и мерки за заштита во зависност од нивните потреби и во согласност со нивниот интерес. Персоналот е добро обучен за работа во кризни ситуации, слушање и комуникациски вештини, ресурси на заедницата, родови, религиозни и културни прашања.

2.      Емоционално зајакнување и првична правна помош преку едукација на жртви на семејно насилство.

Со едукацијата жртвата добива соодветна психосоцијална помош, охрабрување, советување и поттикнување за изнаоѓање на соодветно решение за нејзиниот проблем. Едукативните сесии со жртвите на семејно насилство кои се водени од  професионален тим (психолог, социјален работник и правник кои воедно имаат посетувано и обуки за постапување со жртви на семејно насилство), имаат за цел поддршка и јакнење на жртвата при донесувањето на важни одлуки за нејзината иднина, како и зголемување на свесноста за можностите кои ги има, особено по однос на правните процедури кои можат да ги иницираат и изработка на документи. Едукацијата се одвива во посебна просторија во рамки на просториите на Кризен Центар “Надеж” и е со времетраење од отрпилика час и половина, во зависност од проблемот кој го има жртвата и таа може да се повторува.

3.      Згрижувањеобезбедување на сигурен и безбеден привремен престој од 24-48 часа со капацитет за сместување на 5-7 жртви на семејно насилство

Освен тоа што на жртвата ѝ се обезбедува згрижување, исто така ѝ се обезбедува заштита, психосоцијална поддршка, советување, задоволување на нејзините елементарни потреби (храна, облека, постелнина, хигиенски средства и лекови). Воедно се оставрува и контакт и придружба до други релевантни институции од кои жртвата има потреба со цел изнаоѓање на трајно решение за надминување на нејзиниот проблем, односно нејзино подолгорочно сместување.  

Во изминатите години тимот на Кризниот центар има учествувано во многу проекти, одржувано работилници и трибини на кои имаат учествувано голем бро поединци, ученици, професионални лица и останати граѓани и се спроведени многубројни активности поврзани со работата на кризниот центар и подигнување на свеста за препознавање и навремено пријавување на насилство. Меѓу другите активности, тимот на кризниот центар има присуствувано на многу обуки, семинари, презентации, тркалезни маси, конференции како во земјата така и во странство со стекнати сертификати за работа со жртва на семејно насилство. Исто така, активно се вклучува во борбата против семејно насилство заедно со организациите од Р. Македонија и останатите организации со иста цел од целиот свет и ги поддржува кампањите за подигнување на јавната свест кои се поврзани со едукација, превенција, советување и заштита од насилство.

Телефонот на доверба и Националната СОС линија работат 24 часа и се достапни за секој еден кој има потреба да пријави насилство (од било кој вид – психичко, физичко, економско и слично) без оглед дали е жртва, или жртвата е некој близок, познаник или пак доколку е (случаен) сведок на насилство.

Во една од кампањите, главната порака која беше испратена гласеше: „Прекини го молчењето пред да биде предоцна“.

Со тоа, членовите од тимот советуваат и порачуваат дека никој не е должен и не смее да трпи било каков вид на насилство и истото да биде итно пријавено до надлежни органи.

Проговорете против насилство, не го премолчувајте!
Грижете се за себе и за вашите најмили, а под грижа спаѓа и заштита од насилство кое е упатено до вас или ваш близок.

Реагирајте навремено, за утре да не биде доцна!    

За подетални информации посетете ја нивната веб страна:

http://www.krizencentar.org.mk/

17861509_1479844115358988_8769343060548725195_n

Comments

comments