Во „Сиво Сјаат Вселените” Стефан Марковски екстравертно нѐ воведува во свет на различни, настани повеќе или помалку инспирирани од реалноста, интровертно, преку поетски израз проектирајќи го сопственото доживување на ситуациите.

Како поет и млад човек, тој е засегнат од нив во контекст во кој вековната традициска македонска мака се транспонира во комплексноста на модерното живеење. Впечатлива овде, на пример, е песната „Тутуноберачот од мојата зграда” каде сите збиднувања се ставени во паралела со незадоволството до степен на згрозеност. Но кај Марковски е инспирирана и добра волја надвор од тој контекст, воведувајќи своевидна инвокација присутна и во повеќето песни во завршниот дел каде поетот се осврнува кон оптимизмот како излез, воедно инспирирајќи ги читателите и кон сопствена интроспекција и преиспитување.

sivo sjaat vselenite

Симболиката на сивата боја од самиот наслов има барем две конотации, првичното значење е поврзано со човекот и човечкото наспроти природата и природното, означувајќи ја неговата трага низ постоечкиот Космос. Во потесна смисла, сивото може да корелира со сивилото поврзано со човечката анти-еколошка (не)свест со која цивилизацијата се вдала во својот вечен поход за „очовечување“ на бескрајот.

Употребата на еднинската форма „вселените“ наместо „вселената“, земајќи ги предвид интересите на Марковски, може да се сфати како алузија на најпознатата модерна теорија во квантната физика наречена теорија на струни којашто ја изразува можноста за постоење на повеќе вселени – а не една, односно теоријата за мултиверзум, а не само универзум. Но другото, поетски релевантно значење се однесува на вселени како своевидна хипербола на луѓето според максимата дека секој човек е вселена сама за себе. Во тоа сфаќање е изразена и аналогијата на тоа низ што поминуваат луѓето во светот, откако првин е земен предвид локалниот контекст кој ги рефлектира и светските, макрокосмички случувања. Сивата боја исто така симболизира и неутралност, не ни црна ни бела, а е мешавина од двете, што е една алегорија на поврзаноста и испомешаноста на сите луѓе.

Целата збирка е составена од неколку целини/сегменти: „Кревкиот тантеж наречен изгрејсонце”, „Градот”, „Удавени Облаци”, „Пустоловни благоспеви”, „Одѕвонот на Зборот Одраз е во Окото на Сонцето”, „Сиво Сјаат Вселените” и „Земјосонолик пат во Пад” .

Во „Кревкиот тантеж наречен изгрејсонце” имаме транспоненција на историско-традициски концепти и нивно претопување со сегашноста, во „Градот” поетот нуди една урбана димензија на доживување на градот, особено во првата песна „Градот е младост“. Во „Удавени облаци“ доаѓа до израз една роматично-вознесувачка димензија која што е градуално уште поизразена во „Пустоловни благоспеви“ со универзален карактер, во „Одѕвонот на Зборот Одраз е во Окото на Сонцето“ е тематизирана слободата со религиски алегории и повеќезначност провлечена со употребата на терминот „Сонце“, чие значење постојано се менува и е присутно и во следниот сегмент што го носи истото име со самиот наслов на збирката, каде поетот вдахнува дух на оригинален поетски космополитизам. Последната целина „Земјосонолик пат во Пад“ е повеќе посветена на самите поети воопшто и процесот на создавање поезија како „тежина и благодат“ – обединувајќи меланхолија и инспирација, поетот ги охрабрува своите соуметници да продолжат да создаваат, симболично завршувајќи со песната во чиј наслов е надежта, а ние во неа – „Надеж сме“.

may-it-be-a-light-dark-forest-moon-tapestries

Употребата на традициски елементи од македонската култура не е ставена во ироничен контекст туку е основа врз која современото живеење е испреплетено со призмата на „поетската болка“. Сфаќањето во Романтизмот за терминот „болката на светот“ е овде транспонирано од традициските елементи на страдање на македонскиот народ и е направена директна паралела со реалноста и ефектите на емотивен план кај младите луѓе, сензитивност каква Стефан Марковски со голема храброст и директност иразува во песните.

Вештината на поетскиот израз и употребата на архаични термини и иновативни кованици на зборови не само што ја збогатуваат самата вредност на поезијата во книгата туку и точно се поставени таму каде што треба да бидат во самите песни, спонтано и со правилен ефект на зборот.

Инспирацијата на надеж и добра волја во сите песни се појавуваат како надополнување на негативните споменати контексти. Како во песната „Летот на Црниот Славеј“:

„Ти вчера црн роб умре

денес славеј се роди”

а по позитивната мисла следи и политичкиот контекст:

„утре да ја пееш химната на звездите

кога квечерината ти ги пришива крилјата за ровката

земја.”

со симболики кои реферираат на денешната политика и со паралели на македонската поезија, конкретно овој стих потсетува и алудира на стиховите на Кочо Рацин од „Денови“:

„Роди се човек – роб биди

роди се човек – скот умри“

[…]

„за туѓи бели дворови

копај си црни гробови“.

 

- и го преиначува, со модерен израз, во позитивен контекст, па во конотација со безмалку политички импликации, како што е и оригинално случај со оваа песна.

Со оваа збирка поезија Стефан Марковски дејстува на повеќе нивоа одеднаш, како поет којшто се соочува со себеси, средината, сегашноста и минатото, збиднувањата и околностите и ги формира своите поетски изблици со голема вештина на зборот.

Во истиот контекст е ставена и љубовта кон девојка-Муза – односно романтичната љубов рефлектирана низ неминовното поетско страдање во песните „Полека“ и „Нарциса“.

Книгата е носител на наградата „Бели Мугри“ за книга на млад автор до 35-годишна возраст за 2016-та година што ја доделува ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје.

„Сиво Сјаат Вселените“ од Стефан Марковски отвора нови повеќеслојни перспективи кои навистина вреди да се прочитаат и ја препорачувам на сите посветени љубители на поезијата.

 

Иван Стојановски

Comments

comments