Лебдам

ми се лебди

се искачувам и симнувам по небата како акробат

пред последниот лет.

 

Сенките ме дочекуваат

Гол и преморен

од прашините на една дамнешна забава

што ги кријат лицата на ридовите

под кои се закопани магли од ноти.

 

Сенките ме дочекуваат

омален и со тетоважа на големо „А“

среде чело.

Анархија на нашите тонови

еуфорија на срце низ чија централна јама минуваат

за да им го чуе ехото.

 

Посакувам сенките да ме дочекуваат

без да ме дочекаат

како платнен Сизиф

што го бркаат четки натопени

во боите на сите неба

на кои те нема.

man-shadow_pic

Го обожувам пречекот на сенките

во полињата на детските тишини

иако, по правило, и едните и другите

ги разминувам.

Comments

comments