Драган Илиевски – Гари (1961-2015), македонски раскажувач, роден во Куманово. Ги објавил книгите раскази: „Потковица и апокалипса“ (1992), „Креда“ (1995), „Двојна вратоврска“ (2000) г. Член на ДПМ од 1998 г.

драган илиевски

 

Својот работен век го поминал во Градската Библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Во 2016-та постхумно му излезе збирката „Паралелно време“ во издание на книжевниот клуб „Дијамантски часовник“ од Куманово. Изборот на расказите беше направен од писателите Бобан Богатиновски и Ѓорѓе Јовановиќ, а промотор на збирката беше Бобан Богатиновски.

Во продолжение го објавуваме расказот „Мравки“, еден од застапените во оваа збирка.

драган илиевски - паралелно време

бобан богатиновски

МРАВКИ
Наидов на мравки. Многу црни мравки. Имаше голем мравјалник. Видов уште неколку. Од сите вијугаа црни ленти. Имаа свој пат.
На пауза ги гледав. Чудни ми беа и интересни. Не ги гибав. Некои беа со крилја. Главните си мислев. Се собираа на посебно место.
Ги следев црните врвици. Се соединуваа на многу места. Не можам никако да ги одбележам. Дали се сите заедно или секоја се враќа во својот мравјалник. Некои се оддалечуваа. Ги следев додека можев. Пак се враќаа на главниот пат.
Добро се исончав гледајќи ги. За мене беа интересни. Ги гледав и се повеќе ме привлекуваа. Му кажав на пријателот. Му беше смешно. Чудни се тие мравки. Сакав да му објаснам. Имаа своја територија и начин на живеење. Своја управа.
Паднаа дождови. Водата носеше пред себе. Ги немаше.
Пак излегоа. Како да беа помалку. Шестиот беше празен. Чекав со денови. Не излегуваа. Дали се преселија во друг мравјалник. Околу најголемиот имаше уште повеќе. Храна пристигнуваше одсекаде. Многу и сами шетаа. Кругот се поголем беше. Се појавија од шестиот. До него имаше мравјалниче. Тука доаѓаа оние со крилјата. Шефовите. Почнаа да излегуваат и помали. Порано ги немаше. Малите излегуваа од шефовскиот мравјалник. Не видов ни една од поголемите. Потоа се појавија и на друго место. Ги имаше насекаде. Дали беа истите или секој мравјалник имаше свои. Во најголемиот слегуваа најмногу шефови.
Се изненадив каква борба стана меѓу два мравјалника. Малите беа најагресивни од двете страни. Напаѓаа по три одеднаш една од поголемите. Остануваа склопчени до конечен крај. Жртви од двете страни. Со денови ги гледав ранетите како се мачеа со прекинати делови на телото. Некои ги влечеа во еден од двата мравјалника.
Во туѓиот или својот. Како би знаел. Заврши војната. Ги немаше неколку дена. По неколку дена пак се колеа. Патиштата од другите мравјалници беа видно пократки.
Му кажав на пријателот што видов. Ме прашува дали има жолти. Има само црни. Ќе дојдат. Тогаш ќе видиш што ќе стане. По неколку дена дојде. Дојдоа ли жолтите. Ги нема. Му ги покажав црните. Жолтите се опасни. Црните мора да се соединат. така мислеше.
Работев напорни работи и некако ги подзаборавив. Не бев десетина дена на имотот. Пиев со пријателите ракииче во сенка. Мезевме. Видов мравка на масичето. Жолта. Отрчав. Војната почнала. Многу жртви. Жолтите повеќе атакуваа. Подеднакво ги напаѓа помалите и поголемите. И црните се бореа добро. Утредента ги немаше жолтите. Недалеку пронајдов многу жолти мравки. Чекав дали црните ќе нападнат. Или пак жолтите.
Чекам….

Comments

comments