Го знаете она чувство кога ви е доста и од луѓе, бука, гужви и галама? Мене ми е доста познато и прилично е интересна самата помисла дека на секој човек барем еднаш во животот му се случило баш тоа, да му дојде преку глава од сè и да посака да живее некаде кај што ќе има само тишина, мир и да е сам со себе. Оваа појава повеќе се јавува кај интровертите отколку кај екстровертите, но постојат секакви варијации.

Ресет? Што беше тоа? Тоа е кога веќе е јака потребата за самозближување и одржување контакт само со самиот себе далеку од технологија. Колку што е корисна достапноста на интернет и колку сè повеќе сме опкружени со светликави монитори, мобилни исто толку е штетно нивното влијание врз нашиот мозок, начин и квалитет на живот и слично.

Ресетот се прави многу едноставно, се исклучуваш од сите социјални мрежи барем на две недели, се натпреваруваш со себе колку време можеш да издржиш без телефонот, компјутерот, интернетот…

reset-button2

И уште подобар ресет е ако се случува на некоја планина по можност, искачувајќи ја и кај што не земаш со себе никаков вид на технологија освен неопходните работи за преживување во тие неколку денови или недели на самување или дружење со природата. Тоа не подразбира дека треба да си потполно сам, туку дека можеш да имаш придружник, но и тој со празни џебови од технологија од било кој вид. И така ќе имаш доволно време за размислување за што ти душа сака, па и не сака.

Сам со своите мисли е моментот кој секој еден треба секојдневно да го практикува, односно одвојување на минимум еден час во тишина или во активноста која те исполнува, а сепак да не е гледање во монитор. Некогаш седењето и гледањето во само една точка е сè што е потребно за малку одмор од брзиот начин на живот и смирување на мозокот од сите звуци…

Ресетот е потребен секому, а само на оние кои им дошло преку глава од губење време на фејсбук играјќи игрици или допишувајќи се со некого и слично ќе разберат зошто го употребувам овој поим.

Книги се дозволени, па процесот на „ресетување“ може да биде зајакнат и со читање на дела кои дотогаш сте немале време да ги прочитате.

Доволни се и три дена за „ресетувањето“ за човекот да се оддели од негативностите, да размисли севкупно за сопствениот живот и да се наполни со позитивна енергија. Верувајте ендорфинот, серотонинот и допаминот ќе ви бидат ем покачени ем благодарни за третманот кој сте им го дале. Физички вежби можат да бидат вклучени, но не е нужно. Доволно е и пешачење или искачување, зависно кај ќе биде спроведен ресетот.

И мозок одморен од политики и секојдневни случки, и мозок благодарен за ресетирањето кое сте му го овозможиле.

Comments

comments