Осми во март месец, ден кој треба да биде одбележан како потсетување на борбата на жените за нивните права и рамноправноста со машкиот пол.
Наместо да се потсетиме на тоа, ние се сеќаваме дека на учителката треба да ѝ се купи подарок нешто како цвеќе, па сега во последните десеттина години се собираат пари и ѝ се подарува нешто повредено и поголемо, зошто цвеќето ќе се исушело, а вака барем ќе ги памети учениците по нешто друго што ќе ѝ стои во домот.
А, не треба да ги памети по нивната трудољубивост, нивните навики, стил на зборување, однесување или нешто слично? Изгледа јас воопшто не сум современа штом ова го помислувам, ќе ми извинете.
Наместо да се сетиме дека многу жени уште не можат да ја добијат потребната рамноправност, и во некои земји немаат доволно права какви што заслужува секоја жена и се третирани на многу неправилен начин, ние трчаме да си честитаме 8 Март, си разменуваме подароци зошто нели така останало по традиција, мажите наоѓаат совршена прилика да се искупат чиниш ако ѝ купат подарок на саканата сите негативности магично ќе се избришат.
И, да, се оди до тој степен што се збираат група на жени и си прославуваат во кафеана како тоа да мора да е така, чиниш е некое огромно достигнување ако се соберете така дотерани и стокмени. За 365 дена ќе дојде повторно 8ми, а ништо нема да се промени во поглед на тоа дека вие на работа сте третирани поинаку од мажите, и дека добивате пониски плати од нив. Не е проблемот во собирањето, дотерувањето и прославувањето, тоа си е нормална работа и нема ништо грешно во тоа.

2b2002e200000578-0-image-a-25_1438801224808

Проблемот е што не се посветува доволно внимание на суштинските работи, се однесуваме како да е сѐ совршено во ред тој ден, а останатите денови ни смета кога нема да бидеме почитувани како што треба, или кога сме го изгубиле работното место поради тоа што сме останале трудни.
Сфаќате каде е проблемот за кој зборувам?
Не е поентата на жената да ѝ се посвети само 1 ден во годината, да ѝ се купуваат цвеќиња зошто ете така треба или мора или тоа е во тренд или поради не знам која друга причина. Поентата е дека сите останати 364 денови жената треба да биде почитувана, поддржана, да ѝ се посвети внимание, да биде еднакво третирана како и машкиот пол, да ги има правата кои ги заслужува и да биде сакана и ценета.
Порака до сите припадници на машкиот пол треба да биде: ниту еден подарок на светов нема да го надополни/замени или поправи вашето однесување.

И доколку текстов звучи претерано феминистички не ми е воопшто грижа, не се декларирам како феминистка иако нема ништо лошо во тоа да се биде.
Зошто феминизмот не подразбира помало уважување на машкиот пол, но веќе тоа е друга тема за која не би продолжила со пишување.
Важната работа која би сакала да ја истакнам е дека доколку жените, девојките, мајките, бабите, не се доволно храбри да ги искажат своите ставови и да се борат за своите права, џабе си го празнуваат денешниот ден. Нас не ни треба ружа или каранфил за да се чувствуваме сакани, со исклучоци кои мислат дека цвеќето е огромен доказ за тоа колку те сака партнерот.
Која е поентата да речеме, денеска да ти бидат подарени 22 каранфили, а утре да бидеш почестена со навреди, непочитување, коментари околу изгледот и тоа како не треба да го носиш тоа деколте зошто е премногу провокативно, или дека не треба да ја носиш носијата или дека нема да добиеш покачување на плата само затоа што си женско?

08a35ae407272d9f3902ab9a6b36b9ab

Затоа жени, девојки и мајки, радувајте се на секој ден подеднакво, не само овој зошто го прогласиле да биде обележан како таков. Радувајте им се на цвеќињата подарени и во сосема обичен ден и без некоја посебна причина, зошто нели за да подариме некому нешто не треба да чекаме некаква прилика доколку го правиме тоа од срце.
Треба многу повеќе да се радувате на вашата сила, борбеност, издржливост, и способности, зошто вие сте храбри подеднакво како припадниците на машкиот пол!
Во некои случаи жените испаѓаат многу похрабри од мажите, иако мажите и физички се посилниот пол.

screen-shot-2015-08-08-at-6-33-22-pm-e1439084264957

Меѓутоа, самиот факт што жената носи и создава нови животи, што преживува и незамисливо, што трпи неподнослива болка и што се жртвува макотрпно секојдневно без да се пожали, тоа ја прави извонредна и секој можен збор што ќе ви падне на памет, а е асоцијација на јачина, моќ, сила, издржливост, љубов, грижа, внимание и посветеност.
Секоја жена треба да е горда што е жена, а секој маж да е уште погорд што може да има шанса да дели живот со едно такво извонредно битие.
Секој што не ја почитува жената без оглед на нејзината возраст, вера, раса, позиција, образование и етничка припадност, за мене не е човек.
Ајде да бидеме луѓе секој ден од годината, а не само на осмиот ден од месец март.
Ајде да останеме силни и да правиме промени, а не да стоиме во место.
Среќен меѓународен ден на жената (среќен ден на поклонување цвеќиња и глума како сме воодушевени)!

Comments

comments