Потребата од релевантна критичка мисла во модерната/современата македонската литература и особено, поезијата, поттикната од естетскиот плурализам во контекстот на постмодерната полиморфност и мултиестетичност, е прашање кое, надвиснувајќи подолг период, отвора простор за манифестирање различни книжевни појави и пројави, дел од кои би можеле да се наречат прогресивни и во функција на еволуцијата на современата македонска литература, но и такви на кои би можеле да им се атрибуираат сосем спротивни карактеристики.

poetry woman

Недостатокот од релевантна и етаблирана критичка свест, во таа насока, е прашањесо кое во денешнината се соочува не само македонската, туку и повеќето светски литератури, во кои интертекстуалноста, интермедијалноста, интерактивноста/комуникацијата, хуморот и сатирата, транс/интер, хипер и метажанровските квалитети во литература од типот на New Weird, Bizarro, Slipstream, натприроден хорор, пост-сајберпанк, дизелпанк…, но и такви кои се втемелени врз подигрување со физичкото постоење на текстот отпечатен врз хартија или во електронска форма, одигруваат позначајна и посуштинска улога од потесните, „стриктно естетички“ квалитети на самиот прозен, односно поетски текст.

Од друга страна, неможноста на естетичките симплификации да доведе до состојба на сеприфатлива поетика, а која пак, произлегува како од самите автори, така и од читателската публика и нејзините избори ipso facto предизвикува флексибилизација и „апсолутна релативизација“ на каков и да било обид за востановување конечен и „врамен“ естетички систем како склоп од своевидни напатствија за создавање/пишување, но и восприемање на притоа создадената/напишаната уметност.

Несомнено, постоењето поголем и посеопфатен избор од пристапи, жанрови и воопшто, облици во литературата, овозможува комоција на читателот, кој по „смртта на авторот“ (Барт), сѐ повеќе и сѐ посестрано помогната од модерните технологии, но и пазарно-ориентираната економија, стана центар на книжевното внимание. Ваквата неограниченост на читателскиот избор, пак, не може да се забележи поинаку освен како поттик за самите автори кон отфрлање на секакви обиди за нормативно поетичко одредување и засновување на творештвата.

arts-poets-best-5842

Наидувајќи на еден, во безмалку ничеанска смисла, ентрописки, де-антропоморфизиран универзум пресликан во естетиката на нештата, логично произлегува прашањето: може ли полноправно да се стави знак за еднаквост или барем, еквиваленција помеѓу ваквата ситуираност на современата состојба со книжевноста и теоријата на естетскиот „нихилизам“ и Дадаизам?

И веројатно, земајќи го предвид иронизирањето и сатиризирањето со секој обид за манифестно наметнување „поетички координатен систем“, одговорот би бил повеќе потврден кога таквото наметнување е поригидно и поагресивно, а помалку потврден доколку наметнувањето подразбира извесна флексибилност во пристапот кон уметничките вредности во поезијата. Одовде, „координатниот систем“ на македонската поезија од 21-от век ниту од содржински (севкупна употреба на стилски изразни средства)  ниту од формален (изглед и пристап на поезијата во однос на читателот) аспект не ја одредуваат ниту поетиките на Радован Павловски, Ацо Шопов, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Блаже Конески; ниту оние на Ефтим Клетников, Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Светлана Христова – Јоциќ; ниту пак, на Игор Исаковски, Никола Маџиров, Бобан Богатиновски, Јовица Тасевски – Етернијан, иако секој од овие поети оставајќи уникатна трага во современата поезија, успеал да повлијае врз трасирањето на нејзиниот еволутивен пат.

И можеби критичарите на литературата при обидот за поетичко и естетичко востановување и валоризирање на модерната книжевност би требало да го стават овој факт над сите други, земајќи ја предвид естетичката индивидуална приклонетост кон одредени насоки, а кои како такви се јавуваат како заеднички за двајца, тројца или поголем број поети наспроти оние естетички постулати со тенденција да станат систем од правила за поетско изразување. Изобилието од вакви индивидуализирани естетички (ин)детерминации на поетичките правила и кодови, пак, поетот го доведува во корелација со неговиот социјален елемент (како е вклучена и евентуалната социјална не/ангажираност) и пристапот кон публиката од кој произлегува неговото влијание како мајстор на речта, но и носител на комплексна културно-социјална семиоза со уметнички предзнак.

Следствено, неопходно е признавање на фактот дека естетичкиот плурализам на 21-от век ја збогатува и ниту на еден начин не ја осиромашува вредноста на поетската уметност, па и конкретен поетички систем, иако од друга страна, парадоксално, на мигови успева да го дезориентира читателот односно восприемателот токму како резултат на преголемите разлики во индивидуалните пристапи кон литературата, создавајќи сопствен меланж или неретко, збир од повеќе или помалку контрадикторни принципи.

Токму во овој дух е и мета(де)конструктивистичкиот исказ дека „поезијата треба и не треба, мора и не мора, можно е и не е можно да се елаборира, слично на можноста таа да се „сфати“ и да не се сфаќа и да (не) се доживее“[1].

Во таа насока, освен со референцијален систем од правила и воопшто, некакво определување кое би се однесувало на самата поетика, книжевната теорија би требало да располага и со систем од правила/определување во однос на начинот на кој било дојдено до истиот (автореференцијалност), но и систем од правила/определување кое се однесува на самиот овој процес (метареференцијалност).

Оттука, релевантната критичка мисла во модерната/современата македонска поезија, цениме дека би поаѓала од системски (пре)испитувања на својства од типот на префинетоста/вештината, конзистентноста (но не и предвидливоста) и уникатноста (но не и непрепознатливоста и бесмислата) во комбинирањето на поетските содржински и формални средства (како од когнитивен, така и од емоционален и перцептивен аспект кога се работи за семиотичкиот троец означувач – ознака – примател/интерпретарор)  кое резултира во одредено влијание и поместување на естетичките правила и системи не само на „локално“, туку во зависност од задоволувањето на параметрите кои го одредуваат вкупниот „книжевен импакт“ и на генерално, глобално ниво.

Земајќи ги предвид овие три нејзини карактеристики, современите и идни критичари на поезијата би составувале релативно флексибилни поетички „системи“ со правила и законитости низ призма на кои би се интерпретирале и евалуирале поетските дела со различни стилови и сензибилитети.

Стефан Марковски



[1] Парафразирано од: Марковски, С. Наместо предговор: поимот и значењето на мета(де)конструкцијата, Мета(де)конструкција и општа филозофија, Академски печат, 2012, Скопје.

Comments

comments