Стани повторно

навечер

собери омраза од олово и челик и слеј ја со ѕвездите;

пред да легнеш

и испиеш двете синила што личат на мевлем

а ти го опколуваат островот

кога неизгасени сеништа ја сонат Искрата

кога звукот е сенка на одморачки тишини

стани повторно

и в жили нека ти протече Мислата на овој и сечиј свет

парталав шатор од зашиени сни ја крие топлината на воздухот

Светата планина е скршена дршка на планетава

удавена во своите океани

патот нагоре и амбисот долу иста точка се

но ти најди ја пружината помеѓу

и стани повторно

издиши ја сината болка и наречи ја исцеление

секоја солза што ги водени полињата

насадени човечка прашина

стани повторно, вивни се пак

облаци со сменети бои чекаат да им запееш нова химна

ќе изгрее златен сон низ понорот на ноќта

црните сенки на космосот ќе отсјаат пламтеж

од очите на шарениот феникс

вперен во непознат херој

исчекорен од нови библии.

paintings-art

Comments

comments