Погледнав низ прозор. Времето е потопло и сонцето се надвиснало во облаците како да сака да ни каже – смејте се и радувајте ми се. Како да  е виновно и за зголеменото расположение и хармонијата која се чувствува во воздухот. Само што завршив со бришење на прашината повторно погледнав низ прозор. Видов болна глетка, борба за живот, преживување и осаменост. Нема ден, а да не ја видам таа иста глетка. Покрај мојата зграда секој ден поминува еден стар дедо облечен во една изветвена мантија и со бастумот во рака со наведната глава оди некаде. Гледајќи го си замислувам дали човекот има некој близок или е сосема сам. Пред некој ден носеше најлонче, претпоставувам со храна. Неговото кревко и слабо тело ми кажува дека е многу стар и немоќен. Бастумот му е единствен придружник во секое негово „патување“ или пешачење. Не му го знам местото на живеење и се прашувам дали воопшто има покрив над глава затоа што личи на бездоминк. Ако има фамилија и тие дигнале раце од него и го оставиле така се прашувам кај им е душата и како можеле тоа да си го дозволат. Претпоследно кога го видов се згодив на балконот каде што на едно куче му фрлив посув леб, а тој тука поминуваше. Одма се почувствував како да сум направила грешка што и нему не можам да му фрлам од лебот, а знаев дека е гладен. Еден момент сакав да му викнам да ме почека и да му сметнам и нему малку леб, но се плашев од неговата реакција. Сигурно би си помислил која е оваа што вика по мене од балконот и можеби ќе се направеше какода не ме чул и ќе си продолжеше по патот. Најинтересното кај овој дедо е што никогаш не ја дига главата и му е покриена со капа од палтото. Еднаш ја крена баш кога се загледував во него и ми поминуваше под прозор во моментот кога завршував со негово чистење. Ме погледна со таков тажен и осамен поглед што дури мене ме заболе неговата состојба, а јас немоќна да му помогнам. И така си разменивме погледи во тмурното време, тој од една страна јас од друга. И како по некое непишано правило, секогаш кога се бришат прозорците после тоа заврнува дожд или дента или утредента. Се прашувам како ли се засолнува кога капките дожд паѓаат силно, ако нема каде да преспие. Уште една зима помина, тој повторно си ги мери улиците со истата облека. Секогаш кога бришам прозори помислувам на овој дедо и посакувам да ја почувствува уште еднаш домашната и семејна топлина..

download

Comments

comments