Нема ниту најмал сомнеж дека една од најстарите цивилизациски дилеми е врзана за уметноста, нејзините извори, предмет, цели и граници – дали таа може/треба да се учи и истражува или пак, учењето/истражувањето е она што треба да се оствари преку неа и како тоа би можело да му послужи на човекот? Како уметноста да се создава? Дали (треба да) е емпириска или интуитивна? Возвишена или убава? Дали е можно поистоветувањето меѓу уметноста и светот (кон кој реферира), или како што рекол О. Вајлд, природата ја имитира уметноста? Постои ли процес, збир од правила или поетика согласно која уметноста треба да се создава или пак, поетиката произлегува од делата? Дали уметничките дела произлегуваат од или пак, го формулираат духот на времето? Дали и како уметноста истражува? Дали врз постоењето на уметноста, идејна основа и техника на создавање влијае напредокот на науката и технологијата?

Трансисториски понудените одговори од страна на естетичарите кон ваквите и многу други, одовде произлезени прашања, не доловуваат единствен, ниту пак, целосен одговор.

AI

Несомнено е директното и индиректното влијание на технологијата врз поетиката, како и начините, односно медиумите на создавање и приопштување на уметноста – раѓањето на фотографијата (ран 19-ти век) придонело врз напуштањето на реализмот, создавање нови правци во сликарството и развој на уметничката фотографија, 3D технологиите инспирирале 3D уметност, откривањето на Roland TR-808 драм-машините ја овозможило појавата на електро музиката, додека пак, откривањето на камерата овозможило воспоставување сосем нов вид уметност – филмот, обединувајќи ги сликарството, книжевноста и музиката со радикално променет, синкретички пристап.

Од историјата на уметноста може да се заклучи дека одговорите на повеќето прашања врзани за уметноста се автентично поврзани со историскиот период во кој биле поставувани, за во современиот свет естетиката постепено да ја предава својата улога на технологијата поврзана со истражувањата на уметноста од сѐ „поопиплив“, емпириски-ориентиран аспект, создавајќи мрежа од интердисциплинарни подрачја на истражување од типот на двата закони опфатени во невроестетиката на Самир Зеки, осумте закони на уметничкото искуство на Рамачандран, или пак, оние кои се обидуваат да ги толкуваат скенираните мозочни реакции од читатели на различни типови книжевни дела и слушатели на музика од страна на проф. Адам Земан од Универзитетот во Ексетер[i] и сличните емпириски добиени резултати.

deepdream-ed-medium

М. Шуваковиќ во својата „Епистемологија на уметноста“ ја дистинктира истражувачката од неистражувачката уметност врз основа на потрагата по устоличување нови вредности, што во крајна инстанца доведува до устоличување на самата себе како вредност. Естетиките се раѓаат кога уметноста ќе биде поставена како истражување и одовде, како себеистражување, задавајќи рамка во која уметникот ќе го оствари своето дејствување, а чии чекори самиот ќе ги разоткрива што пак, на уметноста, како своевидно себеподобрувачко истражување ѝ задава една хеуристичка димензија.

За Шуваковиќ, хеуристиката е „истражување мотивирано од себеси, кое заради недостаток од прецизен програм или алгоритам на истражувањето, се одвива од пример до пример согласно методот на обиди и грешки“, а хеуристичкото истражување е „ориентирано кон севкупноста на опсервирањето и постапките на барање и изнаоѓање нови т.е. автентични спознанија или можности за создавање на едно уметничко дело“ и тоа по принцип на обиди и грешки, наместо строго определен систем[ii].

Ваквиот истражувачки, самоподобрувачки систем на обиди и грешки во современиот свет сѐ повеќе се поистоветува со методите на учење и (себе)развивање на машините, односно компјутерите. Во 21-от век, како своевидно техно-социјална увертира во епохата на трансхуманизмот, еден од клучните предизвици на општествено-хуманистичките дисциплини, но и научно-естетичките пристапи кон уметностите се очекува да биде темата на вештачката интелигенција, нејзината примена, механизми на функционирање во склад со актуелната состојба на човештвото, нејзините можности и ограничувања.

blog_entry_0934643001499668375

Ова е така заради широк дијапазон од причини кои се движат од потенцијалната ефикасност и неограниченост во можностите за совладување содржини и техникалии од секаков тип, до евентуалните бенефити за човечката цивилизација добиени од нивната примена.

Низ призма на едно пазарно-ориентирално гледиште би рекле дека за ова сведочат повеќе студии на пазарот на технологии, меѓу кои и онаа на Markets and Markets од јули 2017-та во која се констатира дека седумте приватни водечки компании кои својот профит го засноваат на вештачката интелигенција од 2012-та заедно стекнале капитал од 3,8 милијарди долари, предвидувајќи дека до 2020-та оваа бројка ќе се зголеми на околу 5 милијарди долари[iii].

Од друга страна, одамна и, се чини, со право се актуелни дебатите околу можностите на вештачката интелигенција за загрозување на егзистенцијата на човечката цивилизација. Неспорен факт е дека забрзувањето на напредокот во истражувањата поврзани со вештачката интелигенција содржи многубројни предизвици и опасности кои постепено го напуштаат доменот на научната фантастика, заканувајќи се да станат секојдневие.

На 21 јули 2017-та ВИ систем развиен од „Фејсбук“ создал сопствен јазик составен од систем од кодирани, навидум бесмислени фрази (I can i i everything else / balls have zero to me to me to me…). Ботовите, всушност, почнале да го користат овој јазик, според некои, за поефикасна меѓусебна комуникација, исфрлајќи го од употреба англискиот јазик, заради што истражувачите, исплашени од можните кулминации, меѓу кои и онаа за проширување на новоизмислениот јазик, што би значело внесување во употреба на нови неврални мрежи, го исклучиле системот.

AI_Program

Некои од современите ВИ системи функционираат на база на принцип на „награда“, очекувајќи одреден склоп од дејства да резултира со нивен бенефит, што не е случај со континуираната употреба на англискиот јазик. Затоа, според некои интерпретации, „измислиле“ кодни зборови за поедноставување на комуникацијата.

После познатиот случај кога ВИ-агент – дел од сервисот Google Translate создал неодгонетлив за луѓето јазик со помош на кој истиот си помагал во преведувањето, ова e еден од раните досега забележани случаи на „отклонување“ на вештачки-интелигентен агент од иницијално зададените задачи од страна на човек и како таков, може да зададе реална основа за страв од непредвидливата природа на евентуалната вештачка генерална, односно вештачката суперинтелигенција во иднина.

Сепак, сосема е можно дека ниту во едниот, ниту во другиот случај не се работи за „отклонување“ на ВИ агентите од послушност, ниту пак, за измислување нов јазик, туку едноставно за дефект кој дошол до израз преку реинфорсирање на погрешни обрасци на однесување во мигот кога истите престанале да комуницираат на англиски.

HamlinAILandscape15x22SOLD+copy

Во секој случај, неопходно е расчистување на дилемите околу можноста за уништување на човечката раса од страна на целосно изолиран програм кој би оперирал единствено со јазик без можност за поврзување со надворешни структури способни за загрозување на човечката егзистенција, а за каков станува збор овде[iv].

Наспроти овие опасности, можните придобивки од вештачката интелигенција се енормни: преземање на рутинските ден-за-ден работни обврски и ослободување на луѓето од нивно извршување, решавање научни и „пресметување“ решенија за многубројни практични (здравствени, економски, еколошки, социјални…) проблеми со кои се соочува човечката цивилизација, подобрување на комуникацијата преку размена и „преведување“ на поголем број информации за пократко време, поставување нови научни проблеми и со тоа генерално подобрување на науката и технологијата, кратење на многубројни технички обврски… со други зборови, вештачката интелигенција е портал кон забрзана еволуција на научно-технолошки напредок на човештвото.



[i] “Poetry, Music, Emotions and the Brain.” Poetry, Music, Emotions and the Brain | British Council. N.p., n.d. Web. 30 July 2017.

[ii] Šuvaković, Miško. “Epistemology of Art: Critical Design for Procedures and Platforms of Contemporary Art Education” TkH Journal, Belgrade, 2008.

[iii] Staff. “Seven Companies Disrupting the AI Space.” NewsCenter.io. N.p., 26 July 2017. Web. 30 July 2017.

[iv] “Facebook Shut Down AI After It Invented Its Own Language.” The Epoch Times. N.p., 29 July 2017. Web. 30 July 2017.

Comments

comments