Според една од најприфатените теории, активационо-синтетичката теорија, сонувањето претставува сосема случајно нижење слики кои произлегуваат од рандомалните активации во разни мозочни сегменти, особено задниот дел и мозочното стебло, од каде потекнуваат. Следствено, невообичаеното редење едноподруго слики во текот на сонувањето притоа се должи на рандомалното редење информации од различните мозочни сегменти, пред сè оние од мозочното стебло. Ваквото рандомално редење информации кое резултира со испрекинати текови од настани во рамки на REM фазата, според повеќето застапници на оваа теорија, е резултат на трудењето на мозокот да создава кохерентни, односно надоврзувачки текови на настани, кога е тоа можно.

Инаку, најголем дел од соништата на кои се сеќаваме, како што е познато, се одвиваат во REM фазата, при што е овозможено движењето на повеќето волево управувани мускули освен мускулите за подигање на очните капаци. Токму заради ова се смета дека мозокот, всушност, не одмора за време на сонувањето; мозочната електрична активност за време на REM фазата е речиси иста со активноста при будни состојби. Синхронизацијата на ваквата активност меѓу двете хемисфери е исто така запазена. Притоа, секој циклус сочинет од 5-те фази кои кулминираат со REM фазата вообичаено трае од 1 до 1 и пол час, задавајќи можност за појава на, на пример, од 4-5 до 7 соништа во текот на едно спиење во траење од 7 часа.

Создавањето на секоја една сцена е резултат на обидите за синхронизирање на информациите, додека нејзиното нагло прекинување, односно замена со друга, драстично поинаква сцена е резултат на ултимативната физиолошка неможност за ваквото натамошно синхронизирање.
Сепак, со оглед дека соништата не се во целост карактеристични за REM фазата, создавањето консеквенцијално т.е. „наративно“ поврзани визуелни перцепции и во останатите центри освен мозочното стебло не е исклучено, што е резултат, пак, на концентрацијата на допамин во фронталните лобуси; сепак, ниту ацетилхолинот, ниту допаминот би можеле да ги определиме како ексклузивни произведувачи на сонот, туку секако, нивното значајно дејство во рамки на сеопштиот учинок на сите невротрансмитери во таа насока.
Активирањето на визуелните мозочни сегменти, притоа, создава ефект на вивидност кој што е многу поубедлив и од голем број визуелни перцепции креирани во будни состојби.
Ваквото редење огромен број информации може да е значајно во насока на заборавањето (како исто така значаен егзистенцијален и есенцијален предуслов), кое се должи на нужноста за „рамнодушно доживување“ на најголемиот дел од ваквите информации. Овој пристап, сметаме дека има мошне висок потенцијал да ја објасни суштината на процесот на сонување.


Сепак, ние сметаме дека ова објаснение на активационо-синтетичката теорија не успева во целост да ја објасни есенцијата во редењето слики во текот на сонувањето заради неколку битни, а сè уште неодговорени прашања: 1) зошто би се овозможил токму ваков трансгенерациски „пропуст“ кој, имајќи ја предвид вивидноста и доследното прикажување на реалноста во одредени типови сонување би можел да послужи во значајни егзистенцијални цели?; 2) зошто сонувањето не/пријатни сништа, кое би можеле да го окарактеризираме како не/естетско доживување, би било сосема случајно, ако земеме предвид одредени статистички зависности меѓу состојбата на организмот во текот на денот и особено, непосредно пред легнување и содржината на сонот?; 3) како е можно понекогаш соништата во целост се повторуваат (ако навистина се повторуваат)? 4) зошто во одредени случаи сонуваме соништа кои меѓусебно се надоврзуваат, а во други се менуваат извесни делови од претходни соништа?; кон одговорите на овие и ред други прашања врзани за интенционалноста на сонувањето ќе посегнеме разгледувајќи некои други исто така постоечки теории.
Најпрвин, невообичаеното редење слики, во текот на самото сонување секако може да не се перципира како „невообичаено“ туку да поседува „совршена логика“ за субјектот кој моментно сонува. Од друга страна, невообичаеното редење слики, всушност, поверојатно е воопшто и да не се ни анализира на било каков начин, туку едноставно да се „перципира/чувствува“, односно, субјектот иманентно е „програмиран“ само да ги очекува ваквите невообичаени слики, по што задава одредени емоционални реакции, кои вообичаено исто така речиси воопшто избегнува да ги „анализира“. А токму ваквото соживување со состојбите, свесната ориентираност и немоќта за насочување на вниманието кон извршување анализи, претставува основа за понатаму изнесеното во овој текст, сфаќање дека соништата одигруваат значајна улога во регулацијата на когнитивните капацитети согласно одредени емоционални, односно „доживувачки“ аспекти на личноста.
Постојат бројни случаи во кои дошло до решавање одредени проблеми од реалниот живот во текот на сонувањето, што несомнено би го окарактеризирало сонот како значајна мисловна логичко-имагинативна алатка во функција на задоволувањето на есенцијата и обезбедување на егзистенцијата. Според истражувачите од оваа област, сонот најмногу придонесува во решавањето проблеми каде е потребно размислување со други пристапи од вообичаените и кога е потребна 3D визуелизација.
Што се однесува до можноста за решавање проблеми во текот на сонувањето, можно е овој процес да се протолкува како создавање „поексплицитни врски“ меѓу свеста и потсвеста, иако само делумно, во функција на изнаоѓање практични решенија во однос на некои постојни проблеми, како и „предвидување“ на проблеми кои е можно да настанат и/релевантно на тековните решенија. Притоа, може да се каже дека некои начини на размислување и идеи субјектот во текот на сонувањето ги доживува како повеќе, други како помалку корисни, според што и ги води сопствените реакции – одлучува да ги запомни или заборави по сонувањето. Самото запомнување, инаку повторно би требало да се поврзе со емотивниот одговор на ваквите размислувања, односно, истите често се запомнуваат во пар со емотивната (позитивна или негативна) реакција, при што субјектот неретко најпрвин се присетува на неа, а дури потоа и на самата содржина на сонот.

Продолжи со читање>>

Related Posts

Поддржете не' со клик на Like копчето ↓

Ни значи вашата поддршка 🙏🧐


This will close in 59 seconds