Според тнр. психосоматска теорија на сонувањето соништата играат значајна улога во подобрувањето на умствено-телесната интеракција, односно, како волевата, така и неволевата моторна контрола.

Соништата, според истава теорија, може да претставуваат своевидно вежбање за сензорната меморија, придонесувајќи за доживувањето на самоувереноста и автономноста кога субјектот во реалниот свет го контролира сопственото тело. Според тоа, импликациите на сонот одовде може да се согледаат и во однос на „сеќавањето“ и „имагинативното доживување“ на сопственото тело (како и на останатите тела) од аспект на концентрираноста кон фатичките или други видови дразби. Доживувањето/чувствувањето на сопственото тело при или без надразнување исто така поседува значајни импликации во однос на емоционалниот одговор кој притоа уследува во реалниот живот.

Не е чудно ако искажеме дека соништата често симулираат „екстремни“ наместо „вообичаени“ ситуации, дали во позитивна, дали во негативна смисла.

Одовде лесно може да се заклучи дека во сонот се „тренира“ емотивниот, и пошироко, психолошкиот одговор на одредени настани од реалноста (сето тоа, можеби, во насока на задоволување на конзистентноста или пак, во насока на „позитивно“ трансформирање на личноста). На пример, кошмарите може да подразбираат мошне негативна ситуираност на ликот, односно тој да се наоѓа во смртна опасност од која може, но и не мора да се извлече.

Според тоа, субјектот може да го сонува своето ситуирање во ваквите негативни ситуации, но и потсвесно да го „избере“ нивниот епилог, што според нас не би требало ексклузивно да се поврзе со ниту еден аспект од егзистенцијата и есенцијата, туку со сите одеднаш. Сонувањето на сопствената смрт или самото наоѓање во некаква опасност исто така може да се доживее и на нетрагичен (рамнодушен, зачудувачки, па дури и „среќен“) начин, што секако не е случај во реалноста надвор од сонот. Според тоа, може да се искаже дека мошне важен аспект на сонувањето е доживувањето на ваквите ситуации во кои се „наоѓа“ субјектот-сонувач, во однос на кое, како што напоменавме и претходно, може да постои релативно голема флексибилност кон „случувањата“ пред кои субјектот сведочи, односно, да е повеќе или помалку зависно од самата содржина на сонот. Оправдувања на ваквите тврдења (и сите оние врзани за невообичаените склопови од околности во сонот, без оглед на нивните доживувања при самото сонување) понудуваат и мноштво експериментални наоди според кои за време на сонувањето постои отсуство (или мошне мала) од активност во префронталниот кортекс, кој што, како што е познато, е извршител на значајни мисловни, аналитичко-синтетички функции.

Ова пак, може да се должи на потсвесно утврдената „цел“ на сонувањето, односно, на „позитивните“ или „негативните“ доживувања на настаните од сништата како утврдена цел која најчесто не подлежи на свесни преиспитувања во текот на сонувањето. Според тоа, доколку субјектот потсвесно „очекува“ сонот да заврши среќно, истиот, без оглед дали навистина ќе заврши така, може да биде доживеан на среќен начин. И обратно, доколку се „очекува“ тој да заврши негативно, тој може да се доживее како таков.

Одовде, доживувањето на настаните во текот на сонувањето треба да се сфати како аналогно на секој друго доживување.

Доколку субјектот е „свесен дека сонува“, односно знае дека настаните кои ги доживува не припаѓаат на реалниот живот, тој би можел ова да го „утврди“ или „почувствува“ на повеќе различни начини: 1) се сеќава на времето кога легнал да спие; 2) наидува на прекршувања на природонаучните закони (на пр. летање, сонување мртви лица, имагинарни физички ентитети, неверојатни физички способности и сл.); 3) се сеќава на претходни соништа со слична содржина/доживување; 4) заклучува дека се работи за сон бидејќи му е тешко (од одредени психолошки причини) да ја прифати содржината или доживувањето на сонот (пр. смрт на близок); 5) содржината на сонот излегува драстично надвор од веројатноста за настаните од реалниот живот (на пр. преголемо уживање во текот на сонувањето кај лица кои патат од депресија или сл.) и тн.

Сеќавањето на сонот, следствено не произлегува само и само доколку тој е егзистенцијално важен (решавање проблеми од реалниот живот), туку и во зависност од неговото целокупно доживување. Сеќавањето на сонот секако зависи и од бројот на информации (пред сè визуелни и аудитивни) до кои субјектот свесно допира при сонувањето – наша груба претпоставка, во тој контекст, е дека субјектот најдобро ги помни соништата во кои не доаѓа до мешања ниту на екстремно (квантитативно + квалитативно) многу, ниту на екстремно малку информации. Но ова би требало да се сфати како индиректен резултат; доживувањето, по аналогија, го толкуваме како најинтензивно тогаш кога бројот и квалитетот на информации е „оптимално опфатлив“ од свеста на субјектот кој сонува.

Ова може да означува дека чудните и неверојатни склопови од настани за кои субјектот „сведочи“ во својот сон, меѓу другите, имаат за цел и една мошне интересна функција – да го „тренираат“ хипокампот бргу да заборава на „неважните“ нешта, со оглед дека таквите склопови (е мошне веројатно дека) нема да настанат во реалноста.

Следствено, нашата теза овде е дека сонувањето сигурно е значајно во функција на подобрувањето на селективноста на мемориските капацитети, а на поширок план би можеле да искажеме и дека ја става на тест целокупноста на когнитивните капацитети со кои располага една личност. Второво, според авторот на овој текст, делумно произлегува од импликациите на првиот заклучок: со оглед дека во најголем број од соништата се прикажуваат ситуации за кои е мошне веројатно дека се неможни, односно дека никогаш нема да настанат во реалноста, се создаваат механизми за регулација на „толерантноста“ на личноста кон идеи со различна природа, колку тие и да се чудни, односно, личноста се „флексибилизира“ и „програмира“ без некои посериозни анализи да избегнува ед ни типови мемории, перцепции, чувства, идеи, и воопшто – фокуси на внимание, во однос на други, кои, би рекле, по автоматизам ги избира. Следствено, сонот може и тоа во значаен удел да е функционално определен како „основа за градење на личноста/карактерот“, односно, на начинот на кој личноста реагира на некои нови идеи, перцепции и доживувања и тоа во насока на посигурно, што некогаш би можело да означува и посамоуверено избирање на позначајните меѓу нив, односно, на реакцијата кон нив.

Сонот, одовде, освен што, статистички гледано, придонесува за подобрување на разликувањето на потенцијално корисните од бескорисните мемории, туку тој би и помогнал на личноста во иднина – како резултат на ваквото „учење“, да тежнее полесно да ги запаметува првите и, резултантно, полесно да се присетува на нив, во однос на вторите.

Related Posts

Поддржете не' со клик на Like копчето ↓

Ни значи вашата поддршка 🙏🧐


This will close in 59 seconds