Перспективите на вештачката интелигенција и сингуларитетот според Реј Курцвел

Филозофијата со своите дисциплини од една, како и генерализирачките општественонаучни дисциплини, од друга страна, оправдано може да се очекува дека во иднина би се „претопиле“ во егзактната наука. Во спротивно, опстанокот во нивниот досегашен облик би подразбирал сеопшто намалување на нивното резултантно влијание врз цивилизациската егзистенција, како и специјално применување на неегзатното мнение во конкретно одредени полиња, чија цел би можела да биде општествено, односно индивидуално прагматична, што, на пример уште подолго време би било случај со когнитивната, бихевиоралната или социјалната психологија, чии предмети на истражување произлегуваат од феноменалните искуства како ефект со невробиолошка позадина.

Егзистенцијалните потреби на современото човештво налагаат прагматизам во секој облик на дејствување, кој, имајќи го предвид нужниот пораст и развоj на колективната свест логично е да се претпостави дека со посредство на информатичката технологија и особено унапредувањето на ВИ-системите во најмала рака би бил сестрано поткрепен од еден високо демократизиран и колективно насочен систем на глобално/цивилизациско ниво.

 

Засега најголем предизвик во однос на ВИ-системите останува искористувањето на нивните потенцијали за самоодржување преку експлоатација на ресурси и производство на машини неопходни за истата.

Разбирливо, техничкиот развој на вештачката интелигенција е тенденција која буквално од ден на ден постига значајно забрзување, така што во земјите кадешто проучувањата на истите се вршат посредно т.е. секаде се донесуваат заклучоци врз основа на веќе (релативно одамна) изведени експерименти и откритија, а каде спаѓа и Македонија, се мошне слабо достапни прецизни, непосредно добиени информации во однос на варијабилни софтверски аспекти, така што во решавањето на проблемите на ВИ уделот на научниците од овие земји во рамки на глобалниот развој е мошне мал или безначаен. Оваа дискрепанца во уделите на проучување сепак е значајно намалена како резултат на глобалната комуникација преку интернетот и електронските медиуми кои во голема мера би можеле да придонесат и за намалување на дискрепанцата меѓу релативно високо и слабо развиените општества.

Една можност која сè повеќе се покажува експлоатабилна и исплатлива за намалување на овој јаз во иднина претставува поврзувањето на истражувачите на ВИ од различни научни дисциплини преку поголем број интернационални семинари, како и контакти овозможени со посредство на информатичката технологија.
Моментната примена на ВИ-системите од XXI век во економијата, воената и целокупната технологија, научно-истражувачката дејност,  инженерингот и конструирањето, како и политичкото управување во мошне голема мера се покажува дека сестрано ги надминува сите технички и сметачки особености на човечките капацитети, создавајќи прагматична биолошко-техничка синкреза неопходна за претстојната револуција во степенот на достапност и примена на биотехничките помагала.

Познато е дека големите корпорации во своите огласи за вработување користат ВИ-системи кои олеснето ги пребаруваат кандидатите кои ги имаат исполнети сите критериуми за вработување, од каде, преку натамошно компарирање се добиваат конкретни информации за индивидуите кои најсоодветно ги задоволуваат истите.

Исто така е познато дека некои од најголемите светски медиумски куќи креираат текстови во врска со одредени настани преку однапред зададени текстуални параметри; автоматизираното пишување текстови со посредство на ВИ-системите се врши според некои стандардизирани обрасци на генеративно-трансформациона лингво-стилистичка анализа на „најсоодветно приопштивиот“ стил за граѓаните кои го следат тој медиум, која овозможува создавање информативни текстови во потенцијално неограничени обеми.
Земајќи го предвид веќе кажаното, вештачката интелигенција секако наишла на широка примена во модерната индустрија, но сепак, кои се перспективите на вештачко-интелигентните агенти во блиска и подалечна иднина?
Уште во периодот на самата појава на вештачката интелигенција, многубројни интелектуалци од различни области излегоа со предвидувања во таа насока чија непрецизност мошне бргу излезе на виделина.

Сепак, одредени футуролози како Реј Курцвел претполагаат постоење на тн. технолошка сингуларност или сингуларитет – состојба во која ВИ-системите би располагале со повисоки логичко-толкувачки, природонаучни и општественонаучни знаења од целокупното човештво, што може да подразбира неизвесност на иднината на човештвото, бидејќи истата на тој начин би им била доверена на одлуките на ВИ-системите кои со него би раководеле.

Своите прогнози Курцвел ги изградил врз основа на набљудувањата на експоненцијалниот раст во неколку дисциплини, предвиден и со Муровиот закон, каде на пример е вклучена и технологијата на мозочно скенирање; експоненцијалниот раст на оваа технологија значи дека по извесен временски период ќе успее обидот на неврофизиологијата да создаде целосно физикалистички модел на функционирањето на свеста, со можност истиот да биде софтверски симулиран.

Експоненцијалниот раст, пак, по извесен интервал од развојот на софтверската технологија ќе овозможи процесирање на идентичен квантитет информации со оној којшто по природен пат „протекува“ низ човечкиот мозок, свесно, потсвесно или несвесно. Ова пак, сугерира на отворањето нова можност за тестирање на процесирањето информации кај човечкиот, како и кај мозоците на останатите животни, со цел создавање оптимално функционални вештачки нервни мрежи и корелати на свеста, евентуално резултирајќи со можност за „лекување“ на мозочните пореметувања и оневозможување на процесот на мозочно стареење по пат на константни бионички интервенции.

Оттука, екстерниот сингуларитет за кој говори Курцвел би можел потенцијално да биде одбегнат преку кибернетизацијата на човековиот мозок, унапредувајќи ја брзината, моќноста, количеството информации… односно квалитативните и квантитативните особености на истиот, со што самиот човечки организам би се оспособил да стане носител на ВИ-систем хибридизиран со неговата сопствена свест и автоперцепциски/интроспекциски квалитети.