Научното проучување на свеста во XXI век

 

Во науката до денешен ден не постои една и единствена дефиниција за феноменот свест; наместо тоа, во пракса доаѓа до паралелна употреба на поголем број дефиниции, кои како такви се јавуваат како повеќе или помалку специфични за самите теориски матрици кои ги сметаме за научно релевантни при објаснувањето на овој поим, а на кои ќе се осврнеме во централниот дел од ова предавање.

Сепак, според најголемиот дел проучувачи на свеста, нејзината дефиниција е најправилно доколку истовремено содржи физиолошки и когнитивистички аспекти истовремено, а кои на овој начин би се надополниле во насока на нејзин правилен и сеопшт третман; на овој начин, всушност би станувало збор за 2 суб-дефиниции. Физиолошката суб-дефиниција генерално би се однесувала на оспособеностите на мозокот како комплексен биомеханички систем да ја обезбедува и авторегулира сопствената хомеостаза, односно да ги овозможува  и извршува сопствените животни обусловености – снабдување со хранливи материи (глицериди), кислород, вода , нивно трошење и исфрлање на непотребните материи за сметка на повторното разменување. Во контекст на остварувањето на овие процеси неопходно би било стабилното механичко функционирање на мозокот.  Според тоа, физиолошката суб-дефиниција на свеста всушност алудира на најмалата мозочна комплексност неопходна за оддржувањето на хомеостазата, односно оддржувањето на мозокот, а следствено, и човекот во живот. Ова за науката имплицира дека потрагата по невралните корелати на свеста е примарно потрага по оние мозочни сегменти без кои животот на мозокот како таков de facto би бил невозможен. Како што ќе видиме понатаму, според повеќето невробиолози овие мозочни сегменти примарно се наоѓаат во „примитивните“, односно најстарите од еволутивен аспект, подрачја на мозокот, вклучувајќи делови од мозочното стебло, палеокортексот и/или архикортексот. Когнитивистичката дефиниција на свеста, пак, алудира на описот на свеста како субјективно доживување, односно она што најчесто го дефинираме како „свесност (за себеси)“.

Според тоа, оваа дефиниција несомнено е мошне покомплексна за определување од првата, со оглед дека истата ги вклучува сознанијата за сите обележја на самите субјективни доживувања, односно сите можни психички состојби, што просто кажано, ги содржи сознанијата за сите видови емоционални, мисловни и перцепциски доживувања, кои како такви може да се извршуваат зависно или независно од процесот на експлоатирање на мемориските капацитети.

Mind On / Off
Имајќи ја предвид вака назначената разлика меѓу свеста и свесноста, несомнено е дека човекот не само што не би можел да биде свесен, туку и не би можел да биде жив доколку ја нема свеста, а додека, пак, би продолжил да живее кога би немал свесност (за себе), како што е на пример случај со комата како состојба на неможност на примање и реакција на дразби карактеристични за свесните состојби.
Следствено, за валидното дескрибирање на свесноста неопходно е првичното дескрибирање на свеста, која како таква е (земено како научна хипотеза) биолошки иста за сите човечки суштества, не помалку заедничка од начинот на кој функционираат и останатите органи покрај мозокот.

Оваа дистинкција е важна со оглед дека во ненаучните, вклучувајќи ги овде и филозофските кругови, неретко доаѓа до неправилна употреба на поимот „свест“, која во голем број случаи асоцира на она што во науката се определува како „свесност“ .
Од друга страна,  не би требало да не зачуди фактот дека во науката често се говори за тнр. примарна и секундарна свест, при што примарната свест всушност се однесува на свеста одговорна за процесирањето на  сетилните перцепции, а секундарната на свеста одговорна за процесирањето на емотивните доживувања и размислувања.

brainlarge

Технички поддржаното егзактизирање на науката за свеста во 21-от век неопходи воопшто да претставува еден од најкрупните цивилизациски исчекори, чија интердисциплинарна анализа не втерува во одговорите на огромен број перенијални егзистенцијални прашања чии традиционални/трансформациски одговори се наоѓале во рамки на варијабилни извори на задоволување на човековата спознајна жед: од алегориските толкувања на некои од најстарите филозофии и митологии на Истокот и Западот, до многубројни, сè уште актуелни диференцирани толкувања во рамки на определени ненаучни експликации. Сепак, научно засниваните објасненија на свеста, кои ги трансформираат матриците на традиционалните сфаќања, во најмала рака може да искажеме дека се фундаментални за осознавањето на ситуираноста на индивидуалниот живот, определени човечки групации, човечката цивилизација или пак, животните облици на Земјата воопшто, релативно на светот кој го опфаќа останатиот постоечки простор во однос на кој сознанијата ги здобиваме преку енормно комплексни комбинации од техничко-природонаучни сознанија.

Отфрлањето на метафизичките методологии (востановени и суштински произлезни пред се со емергенцијата на Декартовиот дуализам) во однос на објаснувањето на природата на свесното управување на субјектот над сетилно восприемливото тело со појавата и развојот на природонаучниот позитивизам на почетокот од минатиот век ја воспостави основата за задоволителното определување на неврални корелати од кои зависат комплексните биохемиски засниваности на менталните процеси.
Истовремено, општата согласност меѓу физикалистички, односно бихевиористички настроените филозофи во однос на интерсубјективната терминолошка еволуција врз која во мошне нагласена мера се базирале формално спротивставените концептуализации на свеста, односно духот, во однос на материјата, доведе до осознавање на егзистенцијалната подлога за теориите кои ја потврдуваат иманентната интерактивност меѓу вака споменатите термини, со што во крајна линија, нужно би потврдиле дека повторно станува збор за материјалистички (според што, во овој контекст може да се искаже и неутрално монистички) заснивана каузалност на процеси кои ги определуваат психичките состојби, односно конкретните и остварливи состојби на автоперцепциската свест способна за обавување интроспективни анализи на сестрано различни нивоа со категоријални диференцијации.

brain (2)

Во секој случај, квалификувајќи го на соодветен начин, преку конкретнава терминологија современото учење за природата на различните видови свесност и посебно, автоперцибилноста како физикален и не трансцедентен квалитет на материјалната мозочна основа преку која се остваруваат и останатите потсвесни, односно несвесни психички процеси, како материјално-физикалистичко, дури кон крајот на XX направен е еден позначаен иницијален исчекор во нејзиното мултилатерално, интердисциплинарно опсервирање. Очекуваме во таа насока, преку целосното откривање на невралните корелати на автоперципирањето, односно феноменалната и основниот вид свест, како и потсвесните и несвесни интерконекции со нив, и формално да ја докажеме апсолутноста на овие физикалистички пројави, ставајќи го крајот на емпириско ниво на плуралистичкиот филозофски и религиски дескриптивизам, присутен уште од мугрите на човечката цивилизација.

Експерименталните поткрепи на едни и негирањата на други теориски дескрипции на сеопштото функционирање на свеста разбирливо може да се очекува во фундаментална мера да го моделираат сестраниот согледбен хоризонт на следните генерации, со своестрани импликации врз политичките, социјалните, социолошките, правните, образовните, економските, културните односи меѓу чинителите на сите видови заедници како дел од цивилизацијата.