Предностите и недостатоците на е-учењето 1/2

Кај учењето преку интернет или тнр. е-учење несомнено наидуваме како на големи предиспонираности пред класичното, неинтерактивно учење со посредство на книги, така и на повеќе или помалку предвидливи попречувања на процесот на собирање информации, кои секако индивидуално варираат во зависност од својата „вирозност“ и општа прифатеност од страна на самите корисници на интернет-услугите.


Во овој есеј ќе се обидеме да направиме кратка и релативно објективна анализа на сестраните („позитивни“ наспроти „негативни“) ефекти на интернетот во контекст на процесот на учење, чија дефиниција би ја презеле од когнитивната психологија, воопштувајќи ја не само како процес на меморирање на определени (тематски, поимски, дефинициски поврзани) информации, туку и како процес на зголемување на студиозноста и интелектуалните интереси во произволно избрани, со или без очигледна поврзаност, научни и/или уметнички сфери.
Трансферот на знаења карактеристичен за медиумот интернет, во таа насока недвосмислено поседува радикално повисоки потенцијали одошто пишаните и останатите електронски медиуми, каде на пример, би ги вброиле телевизијата и радиото, овозможувајќи го и инструкторството или независното учење во форма на слика, текст, анимација, тонски и видео записи. За ова сведочат многубројните WEB енциклопедии, речници, книги, видео предавања, е-презентации, научни блогови, канали на социјалните видео мрежи каде едукативниот аспект е над или во паралела со забавниот. Всушност, малкумина денес се запознаени со фактот дека појавата на интернетот е врзана за тајната размена на информации од областа на нуклеарната физика од различни страни на светот за време на почетниот стадиум на Студената војна, така што, основата на интернетот, како и на останатите средства за комуникација, пред сè би требало да ја согледуваме во човековата желба за ефикасен пренос на информации со релевантност за дисциплините за кои научно се интересира.
Секако, негативните аспекти на пристапот до најразлични информации преку интернетот, од друга страна, во смислата за која овде станува збор – едукациските цели, најчесто уследува кога „значајноста“ на овој забавен аспект во потрагата по информации ја надминува онаа на едукацискиот, за што одговорноста, според нас, речиси подеднакво ја сносуваат забавната (entertainment) интернет индустрија и субјективно психолошките склоности за попречување на едукацијата преку давање примарна улога на првонаведената.     Едни од најголемите виновници за ова несомнено се социјалните мрежи и апликациите кои ја овозможуваат комуникацијата, но секако, за психолошката зависност од нив и одовде произлезната општествена алиенација, вината ја сносуваат самите нивни корисници.
Затоа како значаен фактор за сериозно анализирање на проблемите со кои се соочува е-учењето се наметнува и статистичкото разгледување на учењето како дел од целите кои интернет-корисниците ги имаат предвид при сурфањето.
Во таа насока, кај учењето преку интернет не наидуваме на педагошкиот елемент присутен во рамки на класичното учење, така што, овде несомнено секој корисник е препуштен на сопствените проценки за „мерка“ во врска со методот и степенот на користење на интернет-информациите.
Токму овој педагошки аспект на класичното учење можеби е единствениот аспект кој што делува незаменлив во поглед на е-учењето.
Сепак, би констатирале дека дури и ваквото тврдење е генерализирачко, токму заради индивидуалистичкиот аспект; кај некои личности (особено кај оние со генерално повисока интелигенција), за разлика од, можеби, повеќето, овој педагошки елемент е занемарлив, бидејќи синтезата на добиените информации со емотивниот аспект се одвива со значително поадаптабилна динамика од вообичаената.
Ова особено паѓа в очи ако земеме предвид дека значаен дел образовните содржини на интернетот се презентирани токму во облик на видеа.
Од друга страна, ефикасноста на учењето и студирањето преку интернет може да биде неспоредливо повисока од ефикасноста на класичното учење, не само заради инстантниот пристап до информации со најразлична содржина, туку и заради изолираноста од многу негативни нус-ефекти присутни кај второво: субјективните ограничености на професорското оценување, кои може да се засновуваат на стереотипизирањето на студентите (кога професорот некои од своите студенти може да ги третира како „поинтелигентни“, „поработливи“ или „поамбициозни“ во однос на други), нужноста од физички контакт со содржините (кој повторно може да биде остварен доколку едноставно дојде до принтање на електронските содржини на хартија), нивната нефлексибилност кон поправки, нивно купување, и сл., што несомнено претставува причина која кај голем број студенти класичното учење го заменува со е-учењето.
Дополнителен стимул за оние кои учат преку интернет произлегува од фактот дека убедливо најголем дел од содржините на интернетот се на англиски или други меѓународни јазици, така што нивното (барем просечно) познавање е предуслов кој секој што се потпира на ваквиот метод на едукација е неопходно да го задоволи, иако, како што е познато, на интернетот постојат бројни апликации кои бесплатно го овозможуваат преведувањето на истите. Но во секој случај, огромен е бројот на истражувања кои известуваат позитивно за трендот на учење странски јазици преку интернетот.


Е-учењето кое не е професионално (и кореспондентно, продлабочено во одделни предмети на истражување), секако, е најраспространетиот вид е-учење, и како такво може да се втемелува на активности на интернет корисници ширум светот кои заеднички придонесуваат за сè поголемо „професионализирање“ на истото, најчесто преку дискусии на групи на социјалните мрежи, блогови, форуми и отворени енциклопедии. Првата голема предност на ваквиот пристап, според нас, е фактот дека јазикот кој што се користи при објаснување на научните теории и тези е мошне посфатлив и за поширокиот круг интернет-корисници, а истиот се покажува од огромна корист кога треба да се одговори на прашања поставени од страна на студенти со релативно понизок степен на знаење во конкретни области од страна на студентите со повисоки знаења, следствено. Втората фундаментална предност на ваквото колективно учење е секако развивањето специфична „колективна интелигенција“, односно тимска работа во проучувањата, при што се создаваат своевидни „табори“ – субгрупи од поединци кои брзо и ефикасно надоврзуваат аргументи во една хомогена насока, односно повеќе насоки. Битна одлика на овој аспект на е-учењето е промовирањето отвореност на умот кон плурални светогледи и преку реевалуација на сопствените ставови врз основа на индивидуалните логички аргументации.

Отвореноста за конверзација која што ја нуди интернетот, следствено, може битно да го надополни и недоволно истакнатиот неформален однос меѓу студентите и/или меѓу студентите и професорската фела кај определени академски средини.

Токму дискусиите на различни социјални мрежи, блогови и форуми, од голем број причини ја „притискаат“ личноста за истражување (најчесто во контекст на преиспитување на ставот на соговорникот, односно аргументирање на сопствениот став), кое како такво од разбирливи причини примарно би се заснивало на пребарување различни информации преку интернетот.
Од друга страна, меѓу позитивните страни на учењето со посредство на интернет, би требало да ја разгледаме и формалната разлика меѓу интерактивниот пристап, карактеристичен за истото, и неинтерактивниот, класичен вид учење со употреба на книги.
Мошне значајна „позитивна страна“ на е-учењето, во таа насока е и самиот WEB-дизајн на страниците преку кои се соопштени информациите. Несомнено, „оптичката привлечност“ на овие страници создава, односно го засилува иницијалниот впечаток кај субјектите кои користат интернет, придонесувајќи за подобрување на асоцијативните когнитивни капацитети, како и за долгорочната меморија, генералното внимание (особено способноста за брзо пренасочување на вниманието), и најпосле, за флексибилизација на самата личност кон информации од најразлична природа, особено подобрувајќи го смисолот за хумор, следствено влијаејќи, врз општата, емоционалната и социјалната интелигенција, што е предмет на расправа во голем број актуелни научни трудови.
Особено значајна е мотивацијата која некои сајтови ја постигнуваат кај интернет-корисниците за зголемување на дијапазонот на сознанија од определени области, што во голема мера се должи на контекстуалноста на некои од соопштените информации. На овој начин и лицата кои не биле особено запознати со определени научни дисциплини се инспирирани да здобијат релативно високи нивоа на информираност, и на крај, да отпочнат професионално да се занимаваат во рамки на истите. Во овој контекст, не треба да заборавиме дека инспирацијата за проширување на сознанијата е токму помеѓу клучните позитивни потенцијали на е-учењето во однос на класичните видови учење кај значителен број профили на личности.
Мотивацијата на која алудираме може да се одрази кај личности од сите интелектуални нивоа.
Така, кај „помалку амбициозните“ студенти, односно студентите кои од произволни причини претендираат да го намалат времетраењето на своето учење, е-учењето може да се покаже како најкорисно, поседувајќи го потенцијалот во целост да го замени со класичниот вид учење. Ова претежно се должи на електронските материјали каде се приопштени значително упростени верзии на материјалите чии вообичаени форми на факултетско ниво може да се претставени преку релативно сложени симболички (изразни) системи (на пример, равенките кои се користат во природните науки може да бидат пронајдени во упростени форми) или мошне опширно, во однос на интересите на овие студенти (на пример, определени теориски и белетристички книги може да се пронајдат во прераскажани, односно анализирани од страна на друг автор, верзии). Иако приговорите кон ваквиот „непрофесионализам“ кој што го нуди интернетот на овој начин, донекаде се оправдани, не би можеле да генерализираме дека ваквото „скратено учење“ во сите наврати е бесполезно. Напротив, психолозите наведуваат аргументи дека токму ваквото „скратено учење“ кај некои индивидуи го поттикнува креативното размислување и реевалуација на самите содржини кои се обработуваат во склоп на наставните содржини во високото образование.


Од друга  страна, дури и доколку зборуваме за претерана употреба на интернетот, што е сè позачестен проблем кај младите, статистички истата пред сè би можела да се должи на претераното користење на само неколку видови интернет-услуги: 1) социјалните мрежи; 2) популарните сајтови; 3) сајтовите за игри и останати апликации; 4) сајтовите за вести; 5) електронската пошта; и 6) форумите/блоговите.
Секоја од овој вид интернет услуги своестрано, доколку не ја развие субјективната зависност од „примопредавање информации“ која во крајна линија може да биде и алиенирачка за човекот, односно човечкото животно, на определен начин се врзува за сознавањето нови научни сознанија, иако не на некое строго академско, односно техничко ниво; сепак, за нас ова е доволен предзнак дека дури и ваквите интернет услуги го поседуваат потенцијалот да ја мотивираат личноста кон истражувања во областите во кои притоа би се заинтересирала.
Значи, иако основните цели на овие интернет услуги не се директно поврзани со едуцирање, повторно мора да имаме предвид дека постојат определени предуслови кои како такви претпоставуваат знаења од најразлични области, а кои би можеле да бидат научени ексклузивно или во најголема мера на интернетот, како на пример, зошто некои субјекти се однесуваат на специфични (за незапознаените „невообичаени“) начини, релевантно или нерелевантно на интернет-содржините за кои станува збор на определена интернет страница, каков е „јазикот на мемовите“ (кој вклучува познавања на типизирани текстуални и визуелни изразувања), што означуваат некои од најраспространетите интернет-фрази, сленгови и кратенки како на странските јазици, така и на домашниот, што дополнително го развива познавањето на истите и сл.