Спушти го мечот на отпорот, одлучи каде припаѓаш

Spread the love

Оној кој држи меч, од меч ќе пострада – Исус

Секој од нас има право да одлучи каде припаѓа.

Изборот е неограничен и можеме да одбираме да бидеме тоа што ќе посакаме. Овој свет ни нуди неограничени можности да бидеме она што сакаме, а слободата да сме тоа што сме е наша и само нам ни припаѓа. Сите ограничувања се само наши лични заблуди во кои сме одлучиле да веруваме, но тоа е само фрустрација на умот и ништо повеќе. Имаме право да избираме, да бидеме во темнината или во светлината. Се додека живееме во овој свет кои сами сме го одбрале, постојано ќе среќаваме луѓе кои што не вибрираат на иста фрекфенција со нас, тоа постои за да не потсети дали сакаме да останеме она што сме досега или сакаме да се менуваме.

Се‘ постои со причина, и она што се нарекува зло постои со причина да не потсетува дека имаме право на избор. Никој не може да не‘ убеди да бидеме она што не сме и да бидеме лоши освен ако самите не одлучиме да вибрираме на таа вибрација.

Злото постои како и доброто, но во суштина секогаш постои само она што е, а се останато што го карактеризираме како добро или зло е само различна вибрација. Злото вибрира на пониска фрекфенција и таа реалност е право на избор исто како и доброто.

Согледувајќи ја природата на злото како ниска фрекфенција, имаме право на одлука; да ја подигнеме нашата вибрација и да резонираме со вибрацијата на вистината или ако чувствуваме потреба да останеме во старата состојба на зло. И двете опции се подеднакво вреднувани бидејќи тоа е право на избор. За да се подигнеме на повисока вибрација и да ја избереме реалноста на доброто и љубовта надминувајќи го стариот концепт во кој постои злото, потребно е злото подеднакво да се прифати како и доброто, бидејќи и двете нешта се суштински, постоеле отсекогаш, а изборот е наш. Нема причина за страв од злото, бидејќи секоја енергија е неутрална и не може да ни наштети ако не и го дадеме тоа право. Свесното дистанцирање од она што се нарекува зло, не заради страв туку заради лична потреба е она вистинското нешто што може да не‘ ослободи.

Се додека се осудува злото, не може да се одблокираат енергиите кои се држат до концептот дека злото не е во ред, а доброто е во ред, бидејќи не постојат нешта кои се во ред и не во ред затоа што се‘ постои одеднаш, се‘ е божествена креација, а изборот е наш. Се додека држиме меч во рацете и се спротиставуваме на темнината, не можеме да ја живееме светлината. И темнината и светлината се природни појави и не е возможно да избегаме од нив бидејќи и двете постојат во нас, отсекогаш биле во нас, но кога сме свесни за тоа имаме право на избор; темнина или светлина. Темнината е отсуство на светлината.

Целото постоење е сведено на овие две појави, со единствена суштина; да ни помогнат да го пронајдеме патот кон себеси. Ако човек не го изживее мракот од кој се плаши и не помине свесно низ него прифаќајќи го само како едно искуство и природна појава, нема да може да стигне до светлината. Погрешните системи на верување вметнати преку закоравени ментални програми, посебно преку религијата, повторувани како мантра со векови, успеале да го програмират човечкиот ум да верува дека темнината е зло, а светлината добро. Заклучокот е точен и истовремено неточен од следниве причини; и двете нешта се само право на избор, свесниот човек сака да биде она што е, да живее свесно и јасно да ги гледа нештата, сака да живее во светлина, мракот за него е само мрак и тој одбира да живее во светлина, но не ја осудува темнината бидејќи и темнината има свои убавини во оваа димензина, како и се друго божествено, темнината е катализатор за промена.

god-world

Ништо не постои случајно, а вечното тркало на промените отсекогаш ќе се врти, еднаш ќе биде на светлата а другпат на темната страна. Но изворот е светлината и тоа е апсолутното постоење. Секој сака да се врати кон изворот и да излезе од магичниот круг кој сам одлучил да го врти. Свесниот човек свесно ја одбира светлината бидејќи сака да ужива и му е јасно дека среќата е одлука. Ниту пари, ниту слава не носат среќа затоа што да се биде среќен значи да се одлучи да се биде среќен.

Темнината е онаква каква што е бидејќи во тоа пространство не пристигнуваат зраците на светлината и оние кои се наоѓаат таму несвесно, се таму со причина, за да научат одредени животни лекции. Оној која ја спознал светлината не може да падне во темнината, може повремено да наврати во темнината ако сака, но е свесен за божественоста на сите појави па светлината секогаш ја носи со себе. Свесниот човек освестил дека се што се случува во енговата реалност потекнува од неговиот личен избор, па не може да биде фрустриран и наелектризиран негативно поради фактот што постои темнината и да падне во замката на стравот, затоа што го прифаќа постоењето на темнината подеднакво како и светлината.

Многумина не се радосни кога врне дожд, но поентата на дождот е да научиме да уживаме во него и подеднакво да го прифатиме како и сонцето, бидејќи и двете нешта постојат в божествената матрица, само за да ни ја покажат убавината на божествената експресија прикажана преку дождот или сонцето. И двете појави се божествени и како такви убави. Но сега кога сме свесни за вистината имаме право на избор што ќе одбереме и каква реалност ќе создадеме.

Имаме право на избор да ги одбереме кои ќе бидат нашите пријатели, имаме право на избор да одбереме што ќе јадеме, што ќе мислиме, како ќе се чувствуваме, бидејќи се‘ одеднаш постои но се материјализира во нашата реалност, она што сакаме да се материјализира. Се‘ останато е само ментална фрустрација и потекнува од ум. Емоциите се умствена замка, приврзаност за минливи материјални нешта, а ние ја создаваме материјалноста.

Дури живееме во оваа материјална реалност постојано ќе гледаме ситуации на страдање, болест, смрт, но и тоа е личен избор. Емоционалната замка е верување дека постпојат добри и лоши нешта. Луѓето посакуваат добро, но не и зло, па многу почесто им се случува зло, бидејќи се надеваат и очекуваат добро, затоа што во своите раце држат меч со кој се бранат од злото, но колку повеќе се бранат и се плашат од злото, злото се повеќе ги нагризува. Не можат да се одвојат нештата, тие се тоа што се, и се што преостанува е нашиот избор во каква состојба ќе одлучиме да се задржиме. Секој го одбира она што му е потребно и понекогаш свесно имаме потреба да одбереме темнина, за уште повеќе во нас да го појачиме тежнеењето кон светлината и вистината.

Некогаш чашата со вода е преполна, но за да се прелее потреба е само уште една капка. И луѓето се преполни со погрешни верувања и некогаш е потребно да се преполнат свесно со она што не им е пожелно за уште повеќе да ја разгорат желбата за вистината. И тоа е еден начин на спознавање на вистината и како и се‘ што постои, е убав процес на будење.

Мечот на отпорот кој многумина од луѓето го кренале, сака да се бори против илузијата, измислен непријател кој постои само во умот. Сменете го умот, сменете ги мислите ако сакате да се ослободите од страдањето кои сами си го посакувате. Ако нешто ви се случува, значи дека вие сте одлучиле да ви се случува и само вие знаете со која причина ви се случуваат нештата, освен ако не верувате дека надворешноста е одговорна а вас а вие сте никој и ништо. Богот во нас постои, ние сме Бог. Јас сум Бог и јас сум во Се‘, против кого да го кренам мечот на отпорот, против себе, против мојата креација? Тоа е самоубисто, а на тој начин мнозина се самоубиле борејќи се како Дон Кихот со ветерници. Сите тие фрустрации и непријатели се случуваат во умот и никаде на друго место.

Спуштете го мечот, прифатете го светот онаков каков што е бидејќи вие сте го одбрале, почнете да живее како што сакате, пронајдете го вашето божествено задоволство во себеси, за тоа не се потребни пари бидејќи среќата е одлука и не се купува со пари. Надворешноста не е битна бидејќи нашата внатрешност ја создава надворешноста, надворешниот свет е огледало на нас. Живејте.

за zenica.mk: Крсте Лештов. Единствено нешто во кое пронајде ослободување и живот на Земјава е спознанието на вистината и суштината на битието. Оној кој што е – тоа е вистината за целото постоење. Во овој материјален свет официјално е дипломиран графички инженер, неофицијално во вистината е Светлина. Ако постои некој што се сака себеси безусловно, тоа е тој. Чиста божествена експресија.