Елементот кој се самозапалува

Spread the love

Постои еден елемент, неметал, кој се самозапалува на температура од 32-34˚С. Практично, тоа значи дека тој би се запалил ако го држите во рака и би ве изгорел. Згора на тоа, за да ги направи работите пострашни – тој е и токсичен. Раните предизвикани од изгорениците ќе овозможат навлегување во крвотокот, а со тоа и труење со типични симптоми.

Во секојдневниот живот сигурно сте го виделе – од него се направени врвовите на чкорчињата. Тоа е фосфор. Но, не секој фосфор го има тоа својство да се самозапали. Постојат две главни алотропски модификации (форми на постоење) на овој елемент: бел и црвен фосфор. Постојат и други (виолетов, црн фосфор) форми, но тие се многу ретки во природата и се инертни (нереактивни).

  

       Бел фосфор              Црвен фосфор               Црвен фосфор              Виолетов фосфор

Црвениот фосфор е запаллив и нетоксичен, во цврста агрегатна состојба на собна температура. Ова е фосфорот кој го има на чкорчињата. Белиот фосфор е оној за кој ќе стане збор – самозапалив, најтоксичен, најнестабилен и најреактивен од сите алотропски модификации на фосфор. Тој е бело-жолтеникава и многу отровна цврста супстанца. Хемиската формула му е P и структурата (тетраедарска) е дадена на сликата.  Не е растворлив во вода.

White_phosphrous_molecule
структура на бел фосфор

Белиот фосфор, освен што се самозапалува, има уште едно мошне интересно својство – хемолуминесценција. Тоа значи дека тој свети во темница, слично како што флуоресцентните предмети светат после изложување на силна светлина. Хемолуминисценцијата е последица на хемиски процес, односно на реакција на фосфорот со кислород при температури пониски од 32˚С. При оваа реакција се создава зелена светлина, поради формираните ексцитирани продукти на оксидацијата.

735px-Knicklichter
пример за хемолуминесценција
540px-Phosphorescence
фосфоресценција

(Терминот фосфоресценција не е еквивалент на хемолуминесценција. Фосфоресценција е кога една супстанца апсорбираната светлина (енергија) ја ре-емитира повторно, релативно споро и долго во однос на флуоресценцијата која трае пократко.)

Својството кое нас не интересира – самозапалувањето – се должи на неговата огромна реактивност. Белиот фосфор на воздух спонтано се самозапалува при температура повисока од критичната (32-34˚С), односно реагира со кислородот и гори со светложолт пламен. Овој елемент нашол голема примена во производство на димни бомби заради количеството на чад кој се создава при горење. Мириса многу силно, мирисот е многу сличен на мирисот на лук. Откако ќе изгори, останува белузникава супстанца која е всушност оксид на форсфорот (дифосфор пентаоксид).

Британската армија ја направила првата бомба од бел фосфор во 1916 година. Во Втората светска војна биле користени вакви бомби од страна на Јапонија и Америка. Бомби од бел фосфор се користеле и во Виетнамската војна, како и во битката за Грозни (декември 1994) во Чеченија од страна на Русите.

USS_Alabama_(BB-8)_1921
Експлозија на бомба од бел фосфор над USS Alabama за време на воена вежба во септември 1921 година

Првата бомба од бел фосфор била всушност раствор на фосфорот во јаглерод дисулфид. Откако растворувачот ќе испари, фосфорот се самозапалува, притоа палејќи ги и пареите на лесно запалливиот јаглерод дисулфид.

Еве едно видео200-120  http://youtu.be/uk5aXEvmTbc