Сочувствувањето може и да се развие

Spread the love

Што ќе направите ако видите човек кој лежи неподвижен на сред улица? Ќе застанете да проверите што се случува, да му помогнете, да повикате помош? Или само ќе го одминете трудејќи се да се однесувате како ништо да не се случило во надеж дека никој друг нема да го забележи вашето однесување? Дали ќе го послушате вашиот првичен инстинкт или ќе се препуштите на вашиот рационален ум кој ќе ви објасни дека човекот е најверојатно пијан, дека тоа што му се случило е негова вина, дека имате поважни обврски наместо вие лично да бидете одговорни за неговата добросостојба и дека постојат јавни служби кои требало веќе да се погрижат за оваа ситуација.
Фактите се едноставни, човек лежи неподвижен на сред улица, без оглед на причината за неговата состојба тој е во опасност, без разлика кој друг го видел, вие сте таму и свесни за таа опасност по нечиј живот. А изборот е едноставен: ќе помогнам зашто е човечки и исправно или ќе одминам зашто целото општество е ионака за никаде и нема кој на мене да ми помогне, или заради некоја сосема друга причина. Во нашата природа е да сакаме да помогнеме, затоа што имаме лична претстава или лично искуство за тоа што значи да се биде во болка и страдање, и тоа сочувствување во нас буди соодветна емоција и не мотивира да сакаме да помогнеме и да ги спречиме болката и страдањето. Но, не секогаш го слушаме тој внатрешен глас и не секогаш ја чувствуваме таа потреба толку силно. Некогаш ние сме тие на кои им треба помош, можеби не хуманитарна, но хумана, да бидеме разбрани и прифатени.

Истражувања во областа на сочувствувањето покажуваат дека освен тоа што претставува социјална и индивидуална појава, која од еволутивен аспект е битна за опстанокот на групата или заедницата, истовремено е и вродена карактеристика на човекот која буди соодветен емотивен одговор (емпатија) и реакција (алтруистичко однесување) кога сме сведоци на туѓата болка или страдање. Најновите истражувања од психологијата покажуваат дека оваа карактеристика, која е извор на алтруистичкото однесување, може да се разбере и како вештина која може да се негува и развива, а не само како карактерна црта.

Истражувањето кое било спроведено на Универзитетот во Висконсин-Мадисон – САД вклучило 41 испитаник кои претходно не биле изложени на медитација или когнитивно-бихејвиорална терапија (стандардна психотерапија во САД и повеќето западно-европски земји). Истражувачите ги поделиле испитаниците во две групи, кои биле подложени на двонеделена обука при што следеле аудио запис со инструкции, секој ден во времетраење од 30 минути. Половина од испитаниците биле назначени во групата која била подложена на обука за сочувствување, која се состоела од негување на сочувство за различни категории на поединци во нивниот живот (сакани, пријатели, себе си, странци или непријатели). Другата група била подложена на обука за когнитивно реструктурирање каде вежбале реинтерпретација на значењето на лични стресни настани со цел намалување на интензитетот на негативната емоционална реакција. Мерењето биле на промените било направено на два начини: преку магнетна резонанца на мозокот, пред и после обуката, додека испитаникот гледал серија од слики на индивидуи во болка или кои страдаат (пр. дете што плаче, жртва на изгореници, и сл.), и преку компарација на алтруистичкото однесување помеѓу двете групи на “Интернет игра за редистрибуција на добивката” каде испитаниците имале можност делумно да го исправат нефер однесувањето.

Резултатите, според Венг и соработниците (2013), покажале дека оние испитаници кои биле подложени на обуката за сочувствување покажале повисок процент на алтруистичко однесување, односно помагање на личност во невоља во текот на тест-играта. Додека скенот на мозокот покажал шема на невронски промени во оние системи на мозокот одговорни за разбирање на болка и страдање, емотивна и извршна функција, како и процесирање на награда и казна, проследени со зголемено разбирање за туѓото страдање и пропратени со соодветно просоцијално однесување. Спротивно на ова, истражувањето покажало дека невронските промени кај другата група се однесувале на оние делови од мозокот одговорни за планирање и зачувување на личните ресурси. Истражувачите сметаат дека невронските промени кај двете групи на испитаници резултирале во различни ефекти во однесувањето бидејќи двете обуки имаат спротивни когнитивни цели, насоченост кон себе во обуката за когнитивно реструктурирање и насоченост кон другите во обуката за сочувствување.

Ова истражување е само едно од многуте на оваа заборавена, а толку непходна проблематика во Западната култура. Сведоци сме на секојдневни несреќи, злоупотреби, насилства и убиства во далечната, а и непосредна околина. Весниците и телевизиските вести се тука да нѐ потсетат на црнилото и мрачната страна на нашето општествено живеење. Но, и покрај тмурната перспектива, постои надеж за сите нас, за секого од нас. Начин да направиме нешто за другите, да помогнеме онолку колку што можеме, а на тој начин да си помогнеме и на себе така што ќе придонесеме за подобро општество преку сочувствување со луѓето во нашата непосредна околина. Научните истражувања покажуваат дека промените се можни со тоа што постојат начини да се стане поемпатичен, посочувствителен и просоцијален во дејствувањето. Да се биде сочувствителен е добро за нашето психичко здравје, како што покажало друго истражување (Козли и сор., 2010) кое тврди дека сочувствителноста не прави поотворени кон емотивната подршка од другите, што пак нѐ штити од штетните ефекти на психолошкит стрес. Изборот како ќе се однесуваме е на секој од нас.

Референци:

Weng H. Y. et al., Compassion Training Alters Altruism and Neural Responses to Suffering, Psychological Science: vol.24-5 (2013)

Cosley B. J. Et al., Is compassion for others stress buffering? Consequences of compassion and social support for physiological reactivity to stress, Journal of Experimental Social Psychology: Vol. 46-5 (2010)