Приказна за Мастеосон (расказ)

2

Надвор беше сончево и влажно, онака како што и вообичаено умее да биде по престанот на една дождлива бура придружена со светли струни што го разбиваа мирот на инаку тивкиот планински дол. Денот не се издвојуваше од другите слични на него и ќе останеше така се до тапиот удар што се слушна близу куќата на Мастеосон. Се чини како звукот да водеше кон едниот од прозорците што гледаше на североистокот и кога врз стаклото не висеше непробојна ткаенина, застануваше токму на пожолтените карпи од кои извираше пенлив водопад. Поради нарушениот мир, детето мораше да ја отклучи влезната врата и да излезе од куќата, насочувајќи го погледот кон местото што го издаде звукот предмалку. Таму Мастеосон забележа птица, црвена по боја, како лежеше на влажната трева и го придвижуваше вратот де кон него, де кон густата шума што ја обиколуваше трошната градба во која тој живееше. Одејќи бавно, дури и побавно од тоа што мислеше дека се движи, Мастеосон успеа да се приближи до птицата и да ја отвори дланката во која немаше ништо. Отпрвин таа се оттурнуваше од момчето, сакајќи да се скрие во густата трева, но потоа го спушти левото крило и Мастеосон забележа дека другото и беше неподвижно, со што се увери дека е повредена. Неговото чело се оддели во две рамнини кои ги прифаќаа сончевите зраци исто толку колку што и ги одбиваа назад кон изворот. Сепак тој реши да не се послуша и се најде себеси како посегнува по птицата која веќе долго време не произведуваше никакви движења. Со едната рака внимателно го прифати повреденото крило, а со помош на другата успеа да ја крене целата птица и дури тогаш ги забележа различните бои под нејзините пердуви кои се бореа за превласт во неговите очи. Сега видокругот му се исполни со блескавоста на крилатото суштество кое успеа да ја засени целата корија со раскошот на пердувестиот спектар што го поседуваше. И птицата и Мастеосон се среќаваа на средиштето од просторот што ги делеше, иако и двајцата продираа далеку зад себе како две најфини огледала поставени едно спроти друго.

3

Росата одамна испари низ воздухот, а испотеното чело на Мастеосон се бореше со жолтиот џин, нерамноправна борба по која младичот беше натеран да влезе во куќата заедно со птицата што ја држеше во прегратките. Во внатрешноста владееше темнина – дел од завесите што ги покриваа прозорците – друг дел од сивата покуќнина што зјаеше и ја очекуваше новата пријателка како стара познаничка. Оставајќи ја влезната врата отклучена, птицата ја смести на местото каде што и вообичаено ги чуваше, во еден дрвен кафез што се нишаше во самата средина од собата која наликуваше на разрушена бродска кабина сред отворено море. Потоа Мастеосон ја провре раката во кафезот и при отворањето на дланката која повеќе не беше празна, врз дрвото се стркалаа неколку зрна јачмен кои завршија недалеку од подотворениот клун на црвената птица. Таа, подисправајќи се и голтајќи ги сувите зрна успеа да ги измами усните на Мастеосон кои одамна беа заборавиле како да се смеат.

Мастеосон се најде на еден стол на кој успеал вчера да заспие и веднаш се упати кон темнината, но подзастана за да слушне нешто што наликуваше на мека и смирувачка мелодија. Тој продолжи да се движи и за брзо време се најде во собата со кафезот, вкочанувајќи ги сите мускулчиња и запирајќи во самите стапки. Птицата произведуваше низа лиминални тонови кои се населуваа во неговите уши и кружеа околу неговата глава додека Мастеосон молчешкум уживаше во непредвидливоста на внатрешните врвови и долини. Чичкото не можеше да чека повеќе и тргна влево, таму поттгрнувајќи ја ткаенината што бесполезно висеше врз прозорецот и светлината продре толку длабоко во собата што му требаше доста време за да успеее да се навикне на новата поставеност. Во меѓувреме црвената птица продолжуваше да пее како ништо да не се имаше случено.

Шумењата на водопадот се слушаа надалеку и допираа дури до куќата на Мастеосон, нудејќи му излез преку вратата која повеќе не ја заклучуваше. Топлите бранови навлегуваа преку голиот прозорец и се одбиваа од новиот слој на иструганата покуќнина која не беше повеќе темна како пред неколку недели.  Кафезот се нишаше и беше малку подотворен исто како и секогаш, чувајќи ја слободата која сеприсутно кружеше низ собата и се одбиваше од неговите добри намери. Мастеосон, уживајќи во дотогаш неслушнатите мелодии на птицата, реши да ја отстрани и втората ткаенина и без многу размислување го направи тоа што го обмисли.

Вечерта, крцкави звуци навлегоа во неговиот сон и го натераа да се разбуди среде студената ноќ. Полека напредувајќи во полумракот, до Мастеосон допре поинаков мирис од онa на што се беше навикнал, нешто налик животинско крзно и мочурлива трска и реата го натера да ја наслони целата снага врз ширум отворената влезна врата. Оттаму започнуваа да се редат калливи стапки на волчи шепи кои завршуваа точно под дрвениот кафез во кој спиеше птицата. Следејќи ги стапките, Мастеосон се занесе и се удри во кафезот при што здогледа како неколку црни пердуви не брзаат да го најдат своето место на подот. Тој се спушти сакајќи да ги оддува, но во истиот момент пердувите се сронија како да беа проголтани од невидлив оган и тивко исчезнаа во воздухот наоколу. Птицата се стресе од ударот и започна да прета барајќи го излезот, а исплашен од нејзиното неправилно движење, Мастеосон се поттргна наназад и сопнувајќи се од ќесето храна, при падот не успеа да се задржи за ткаенината која веќе стоеше раскината во неговите раце. Сега сите прозорци беа голи и непокриени, призор што ги исполнуваше градите на чичкото со старо и за него познато сомневање.

4

Сонцето се беше закотвило на крајот од врвовите на падината и така создаваше нерамномерни снопови кои ги вбризгуваа своите краеви во трите отворени прозорци на новата куќа. Во светлината што се одбиваше од црните пердуви Мастеосон ја забележа отворената врата на дрвениот кафез во кој ја немаше  птицата. Тогаш до него, за првпат по толку време, допре звук кој во многу нешта се разликуваше од досегашните испеани мелодии што секојдневно ги слушаше. На рамето на Мастеосон, извивајќи ги двете крилја и потпевнувајќи ја песната од која неговите нозе трепереа, слета црвено-црната птица и така стоејќи, му даде знак кој се чини дека само тој можеше да го разбере. Потоа птицата се оттурна од дедото и така летајќи се упати кон планинската патека што ги спојуваше северот и истокот и завршуваше токму пред пожолтените карпи од кои извираше пенлив водопад. Мастеосон се изми и тргна по птицата. Со секој нов чекор тој чувствуваше како снагата му се троши и телото му премалува под налетот на огнената харибда што го печеше неговото лице. За момент и нозете му се одвоија од земјата, но впрегнувајќи ги преостанатите надежи, Мастеосон успеа да стигне на врвот, таму соочувајќи се со водата која го одразуваше неговото старечко лице. Се чини како песната да доаѓаше од зад азуритните каскади што ги толчеа карпите и дури сега старецот одблиску ја забележа грандиозноста на покриениот видик кој секојдневно растеше во неговата куќа. Мастеосон, правејќи еден чекор зад друг, полека проаѓаше низ темносината порта, а зад него претпознатливите звуци се мешаа со шумот што го правеше водата и одеднаш завладеа тишина. Мастеосон стоеше во мракот и чекаше. Тој чекаше како времето за него да беше застанало, како денот и ноќта да беа исчезнале од светот во кој живееше. Чекаше како земјата повеќе да не се вртеше околу својата оска, како сонцето да беше вечно. Чекаше како старец кој допрва треба да се роди. И тогаш Мастеосон престана да чека и низ мракот здогледа волчица и црна птица како ја надлетува одозгора. Потоа капките дожд започнаа да удираат по покриените прозорци на куќата во која едно дете плачеше и гледаше во празен кафез кој се нишаше во средината на неговата соба. По престанокот на дождот, Мастеосон слушна тап удар што изгледа дека доаѓаше од прозорецот што гледаше на североистокот, и кога врз стаклото не висеше непробојна ткаенина, застануваше токму на пожолтените карпи од кои извираше пенлив водопад.