МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП: ЈАНУАРИ 2014

Пишува: професионален астролог Снежана Штрковска

Овој месец имаме двапати ноќ без Месечина – на 01 јануари и на 30 јануари; полна Месечина –16 јануари; Сонце влегува во Водолија – 20 јануари; Венера тргнува во директно движење 31 јануари.

Направете комбинација на толкувањата за вашиот знак и за подзнакот.

*Ако сакате подетално да дознаете што ве очекува во тековната година, кликнете и нарачајте – соларен хороскоп.

ОВЕН – Вашиот владетел Марс се движи низ вашиот сектор на партнерство, други луѓе, отворени непријатели. Нападот е насочен во тој правец: вие кон нив, или тие кон вас, но овој пат тоа ќе е борба до крај која нема лесно ни брзо да заврши, односно нема да е тема само за овој месец. Посебно во деновите околу 17 и 18 јануари, вашиот противник ќе има поддршка од некое вам важно лице, кое го сменило мислењето. Од убавите моменти издвојувам: средба за памтење на 8 јануари и пријателски совет кон крајот на месецот. И сами ќе го смените начинот на кој ги гледате нештата, и можно е заради некоја причина, да станете помеки и попустливи.

БИК – Абер од странство или од странци околу 11 и 12 јануари. Доколку имате потреба од правен совет, најарно е да го побарате во истиот период, бидејќи секторот кој за вас означува странство, исто така означува и правни работи. Ненадејна или неочекувана сума пари или пак подарок кој ќе ве изненади, ве очекува двапати овој месец. За љубов: околу 8 јануари некоја конкретна средба со особа која ќе ве заинтересира, а после десет дена сè уште ќе се двоумите – да биде или не. Има и причина за ова, имено ќе ја поделите својата наклоност на неколку души, па ќе се двоумите во врска со тоа кој/која е вистинскиот избор за вас. Внимавајте на здравјето.

БЛИЗНАЦИ – Вашиот владетел Меркур е активен на небото во текот на овој месец, и тоа во секторот на туѓи пари. А тоа за вас значи: кредити, позајмици, вие некому или што е поверојатно – некој вам, исплата на ветени, но и на непланирани суми. Тоа е она што ќе ви биде во фокусот на интерес во текот на овој месец. После 20 јануари е можен некој подолг или подалечен пат, а доколку не планирате да се раздвижите, ќе учите или ќе читате некоја инспиративна книга. Дружбите овој месец ќе ви се со истомисленици, односно со луѓе со кои имате исти погледи на животот, па нема да ви станат здодевни долгите разговори.

РАК – Уживајте го периодов додека Јупитер се шета низ вашето соѕвездие. „Голема добра среќа“ се нарекува оваа планета чиј домаќин сте вие, драги Ракови, и ви носи интеракција, средби и убави моменти во деновите од 3 до 7 јануари. И задоволство, се разбира. Поглема сума пари очекувајте после 20 јануари, и посебно во деновите кон крајот на месецот, кога ќе ви биде исплатена сума што не сте се надевале дека воопшто ќе ја добиете. Полната Месечина е во вашиот знак овој месец, а тоа за вас може да значи дознавање на некои за вас клучни информации. Последниот, 31 јануари, нека биде резервиран само за вас.

ЛАВ – Во поголемиот дел од јануари ве очекуваат обврски. Работата ќе ве окупира, или можеби некој ќе ве ангажира да помагате во нешто. Често ќе сте во движење на кратки патувања, а можеби само избегнувате да почувствувате осаменост и/или студенило, па почесто ќе сте надвор отколку дома. Од 8 до 12 јануари ве очекуваат редица пријатни средби, а кон крајот на месецот започнување на нежно пријателство. Парите ќе ви дојдат само ако ги заработите.

ДЕВИЦА – Љубов, забава, спортување, односи со деца, или бременост ако ви е во план – сето тоа ве очекува во јануари. Посебно значаен датум за вас ќе се деновите 11 и 12 јануари, кога несвесно ќе изреагирате на некои импулси од околината. За добро ќе е, олабавете се. За пари овој месец ќе ви е нервозно, и некако ќе ви се чини дека парите доаѓаат само кога туркате, како со сила. Ако очекувате нова работа или некаква промена во досегашните обврски, веројатно е да се случи тоа во последните денови од јануари. Ако сте заинтересирани за спортување, време е.

ВАГА – Настан кој долго ќе го паметите околу 3 јануари, а потоа повторно околу 17 јануари. Парите сè уште доаѓаат бесплански, односно не можете со сигурност да сметате на нив, или на тоа колку ќе заработите. Со пријателите и пријатно друштво по дома ќе ви е најдобриот начин на забава овој месец. Посебно се нагласени средби со луѓе кои не сте ги виделе одамна. Кон крајот на месецот, ќе започнете поинтензивна дружба која ќе потрае. Дали ќе е за љубов, за работа или само пријателство, зависи од вашиот подзнак.

СКОРПИЈА – Многу разговори, договори и средби за вас драги Скорпии во текот на овој месец. Расчистувате несредени односи, дознавате муабети и озборувања или нечии задкулисни и нечесни игри и тактики, посебно за време на полната Месечина, 16 јануари, но и во деновите потоа. Посебно ќе ви создаде нервоза нечие побарување на пари од вас, а се однесува на странство, школување или адвокати. Ако имате било што такво, обидете се да ја расчистите ситуацијата пред 31 јануари.

СТРЕЛЕЦ – Насочени сте со мислите кон финансиите: недостигаат или некој тропа на врата да си наплати нешто од вас. Тензично ќе е, а разврската е можна дури кон крајот на месецот. Полната Месечина, или деновите после 16 јануари, ќе донесе осознавање на вистината во врска со паричникот: празен ли е, полн ли е. Малку поактивни и подруштвени ќе сте после 11 јануари, а од 17 јануари па натаму, некоја симпатија ќе стане очигледна. Забава сè уште барате во кругот на пријателите.

ЈАРЕЦ – Активен месец ќе е овој јануари за вас драги Јарци. Посебно 3 и 4 јануари – настан кој ќе го прераскажувате; 6 јануари – настан поврзан со саканото лице; 17 и 18 јануари – настан поврза со работа. Ќе добиете неочекуван подарок, а кон крајот на месецов и пари од неочекуван извор. За време на полната Месечина, 16 јануари, ќе откриете некоја вистина за саканото лице, а месецот ќе ви заврши со интересна авантура.

ВОДОЛИЈА – Повеќето нешта ќе се скриени од вас, а ситуациите навидум мирни, сè додека да влезе Сонцето во вашиот знак, на 20 јануари. Сепак, најава за настаните кои следат ќе имате веќе во периодот после 11 јануари, а на 17 јануари нема да ви е здодевно.  Кон крајот на месецот ве очекува ненадејна добивка. На 30 јануари, за време на ноќ без Месечина, ќе си преземете некоја обврска врз себе, сакале или не.

РИБИ – Пријателите ќе се извор на поддршка, задоволство, но и непријатности. Стара љубов ви се враќа во мислите или реално во животот. Ако се смирувате со некого, овој пат убаво договорете се за условите, и не правете компромиси на своја штета. Ненадејни трошоци ќе ве остават без пари еден период, а парите кои би требало да пристигнат на вашата сметка, ќе доцнат поради некоја причина. Воздржете се од авантуристичко трошење кон крајот на месецот.