Големото Друго

Spread the love

(извадок од романот „Смртта на уметноста“ – Костадин Героски)

А луѓето, луѓето дојдоа премногу доцна на изложбата на Георгиевски. Го наполнија просторот како некое стадо од бели или црни овци, сеедно, и сами почнаа да лебдат врз телата. По се’ изгледа дека во сите времиња, идни или минати, човештвото ќе биде едно големо стадо. Ах, кога би можеле само да го дознаеме Пастирот!  Тоа Големо Друго! Потоа, Георгиевски ги натера гостите еден по еден да седнат на едно чудно столче и да си ја замислат совршената уметност. Наеднаш, на ѕидот од спротива беа проектирани слики, свиреа звуци и се материјализираа цели скулптури. Кај покреативните кои седнаа, се проектираа и цели драми, филмови, опери, мјузикли. Навистина беше чудно кога дури и овците имаат различни визии за уметноста! Совршената машина создаваше совршена уметност  за само миг од секундата. Беше наречена – „Уметнификатор“.

 1b

–          Веќе не постојат алатки во уметноста – рече Георгиевски- Уметнификаторот во секунда ги материјализира нашите мисли во уметност и ние создаваме многу брзо. Уште повеќе, тоа што го создавеме секогаш е мултимедијално, каква што е и нашата оригинална мисла. Не постојат веќе категориите : сликарство, музика, скулптура….

–          А што е тогаш со традицијата која треба да се одржи per se како таква?

–           Ах- се засмеа сликарот. Уметноста раскрсти со традицијата уште во 20тиот век, во потрага по индивидуалност и креативност на поединецот. Но, и од тоа се заситивме. Денес,  во 21-виот век, раскрстуваме со креативноста како последен елемент на уметноста. Раскрстуваме со уметноста, значи.  Луѓето што рачно создаваат уметност се будали наречени „аналогни уметници“ и тие се едно малцинство кое безуспешно протестира во светот. Смешни се.

Штом им се придружи на „аналогните уметници“, Гаврил ги напушти уште истиот ден. Иако се бореа за рачната изработка, тие немаа талент, немаа предзнаења и немаа почит кон старите уметности. Сепак, на враќање, ги праша за Големото Друго, и тие му рекоа дека може да го најде на една планина надвор од градот. Се израдува. Убаво се облече и тргна на пат иако Георгиевски пак го молеше да не оди.

На врвот на планината стоеше Големото Друго : гломазен човеколик лебдечки робот на којшто беа приклучени сите мозоци во градот – а тоа им даваше инструкции. Големото Друго не знаеше да одговори кој го поставил таму, ниту дали неговото постоење е идеолошка конструкција или реалност. Кога Гаврил го праша зошто луѓето веруваат во него, тоа само рече дека луѓето имаат потреба во нешто да веруваат, исто како што имаат потреба и по нешто да плукаат, и тогаш Гаврил плукна, а плунката повторно почна да лебди.

1x

–          Ова е совршеното општество, патнику. Никој не се буни, бидејќи сите се свесни за маската на системот. Зошто вие се буните?

–          Мора да има барем некој? Какви се тогаш вашите закони?

–          Законот е исто така идеолошка конструкција како и јас – Големото Друго. Тој е само збирка на забрани кои не значат ништо : со текот на времето луѓето отрпнале на забраните и решиле да се конформираат. Во тоа им помогнала и технологијата : денес произведуваме вештачка храна со која можат да се нахранат сите безработни бедници. Тие ја немаат потребата да крадат – произведуваме виртуелен секс за сексуално фрустрираните – тие немаат потреба да силуваат – произведуваме виртуелна Уметност – за уметниците – за луѓето кои сакаат да изигруваат големи револуционери како вас!

–          А, тогаш, остануваат само алчните, како што сте вие, или можеби- некој над вас? – се досети Гаврил. Тогаш алчноста е вистинската болест на Големото Друго. Само уште таа не е надмината нели! – се разжести тој.

Големото Друго продолжи рамнодушно да лебди како ништо да не се случило. И навистина, како може една машина да биде – алчна? Мора да е инструирана од некој човек кој седи на врвот  –  и кој ја научил да лаже. Но, за чудо, кога Гаврил праша што се случува со уметноста во светот,  Големото Друго му ја кажа чистата вистина, иако го кажа тоа многу цинично, како да не верува во своите пророчки зборови :

–          Уметноста е нешто што ќе биде надминато. И веќе е надминато во неговата суштинска традиционална смисла. Се’ започна кога уметноста и технологијата беа еднакви. Тогаш уметноста почна да се инспирира од технологијата, за еден ден да биде целосно убиена од неа. Гавриле, мора да знаете дека уметноста се инспирира од работи кои се поголеми од нејзе. Порано, тоа бил животот и сите твореле за животот. Денес, тоа е технологијата : бидејќи технологијата е поголема од животот.  И  уметноста добро го знае тоа.

–          Како мислите поголема?

–          Ние сме целосно способни технолошки да репродуцираме живот. Роботите-андроиди се сведоци за тоа. Тие дури и имаат вештачка интелегенција, која е побрза од човековата.

–          Вие сте празноглавци.

–          Не ги потценувајте роботите, Гавриле! – загрме Големото Друго. Ние владееме со човештвото веќе неколку декади. И на човештвото тоа му се допаѓа! Ние можеме да го аплоудираме својот мозок на интернет, и секој друг може да го даунлодира неговиот и така бесплатно да го надградува својот. Ова важи и за талентот. Неталентираните имаат можност да бидат талентирани или пак да влезат во умот на генијалците. Креативноста денес не значи ништо.

–          Ништо?

–          Уметноста денес е за домашна употреба. Машината која ви ја покажал сликарот Георгиевски на неговата изложба – таа се вика „Уметнификатор“- сега секој има по еден таков Уметнификатор во својот дом. Денес, уметноста не е привилегија, туку е само навика на масите. Георгиевски – тој и не е уметник, тој само заработува од фактот што  им го покажува  и продава Уметнификаторот на луѓе кои сеуште не чуле за него– се замисли – Но, и луѓето ќе станат минато еден ден. Тие се’ повеќе секојдневно сакаат да бидат како нас, купуваат машински делови, инсталираат чипови во своите тела, сакаат, на пример – да лебдат. Да размислуваат брзо колку нас.

Гаврил го допре своето лице исплашен од замислата дека еден ден би постанал машина. Набрзо почувствува дека и самиот лебди припиен од силата на Големото Друго и само за момент – тоа му се допадна.

1l

Роботот продолжи :

–          Човекот е меѓу Природата и Технологијата. Неговата цел била да стигне до Технологијата. Технологијата пак, е меѓу човека и Бог. А Бог – тој е навраќање кон основната состојба на универзумот пред големиот Биг Бенг[1] – тогаш универзумот бил една точка. Едност. Се ќе биде Едно и совршено. Ние машините се стремиме кон тоа.

–          А после тоа? – вели Гаврил.

–          После тоа ќе го чекаме и Вториот Биг Бенг – и се ќе почне одново. Универзумот ќе се реплицира себеси  и повторно ќе следи истиот редослед : Природа, Човек , Технологија, Бог, Едност. А потоа одново Биг Бенг – и одново. Историјата на универзумот ќе биде едно реплицирање – слично како што се реплицираме ние – роботите. Како во фабрика.

–          Не, но зарем не оди универзумот во насока на себенадминување – секој нов универзум од нив, секој нов Биг Бенг – тој би морал да биде подобар од претходниот, а не ист- реплика негова! Не, реплицирањето значи смрт, еднозначност, реплицирањето е смрт на различноста, смрт на смислата! Смрт на напредокот! Како и Вие машините – ах, вие мрзливи предмети – вас ви недостасува Дух, за себенадминување, за различност, за Оригиналност! Тој дух, само човечка рака може да го вдахне во вашиот механизам, оти и самите човеколики роботи се нарекувате? Што сте вие без човекот, зар не сте вие реплика негова? Оглед негов в зрцало? Вие, едно со универзумот сакате да сте, да станете Бог, совршена реплика негова, и потоа тука да застанете, но, Човекот – тој сака повеќе : тој ќе измисли повеќе, кога би немало повеќе – ете во што е неговото величие!

–          Вие навистина мислите дека има нешто повеќе од Бог и повторувањето на универзумот?

–          А зошто би немало?

–          Наивен сте патнику. Бог е самото реплицирање – тоа што го правиме секојдневно: слично како што порано во фабриките се правеа идентични производи – денес реплицираме мозоци, идеи, уметност, цели светови…ние машините – ние и се раѓаме еднакви- пред Бога, а можеме да живееме – вечно : напоени од енергија. Ние можеме да го реплицираме и Бог самиот.

–          Живеете вечно?

–          Подајте ни ја раката и постанете робот  патнику – тоа е вашата неизбежна судбина!

 

                                            Ти си момчето што ќе живее вечно!

 

Гаврил замижа и ги подаде рацете кон Големото Друго, и не почувствува ништо освен благи бранови по своето тело, но,  Големото Друго изгледаше пореално од било кога, и тој речиси заспа, а  кога ги отвори пред него се отвори глетката на градот кој светеше како фенер во ноќта.  Милион роботи се движеа по улиците, милион светла лебдеа, нивните патеки беше тешко да се следат, милион машини долетуваа, милион одлетуваа како обични искри околу оган кој потпукнува. Искрите правеа пајажини, структури, како сите да беа дел од една голема и жива матрица.

–          Нашите роботски мозоци се поврзани во таква мрежа што протокот и размената на информациите се побрзи од брзината на светлината. Таквиот проток овозможува нашето општество да се подобрува секој ден, технологијата бргу да напредува  и во рок од неколку столетија ние навистина ќе го достигнеме Бог.

–          Значи, вие само само си играте пинг-понг со информациите?

–          Патнику, во оваа пост-информатичка ера, не само информацијата, туку и меморијата губи значење. Тие се премногу достапни.

А потоа, наеднаш, роботот се сврте и се сепна.

–          А сега доста! Ви покажав премногу.

И тогаш и самото тело на Големото Друго блесна во безброј сијалички, тоа ги впери своите очи во патникот и го истури својот гнев бездруго собиран во цинизмот на своето идеолошко и невистинито постоење – самата Идеја за големото Друго. Гневот мораше да излезе, а Уметноста беше таа што му сметаше :

–          Смрт на Уметноста! Смрт на Уметноста! Смрт на Уметноста! Мртва е уметноста! Бидејќи совршенството е достигнато, смрт, совршенството е крајот, нема ништо после совршенството! Нема да постои повеќе уметноста! Смрт на уметноста! Уметноста веќе го достигна својот врв! Се што можеше да биде искажано е искажано! Ве молам одете си!

–          Тогаш да го искажеме неискажливото! Како што прават само најголемите!

–          Смрт на уметноста! Смрт на уметноста! Смрт на уметноста!

–          Престанете, престанете, не знаете што зборувате! – Гаврил го молеше плачејќи.

–          Вива ла Муерте! Вива ла Муерте! Вива ла Муерте![2]  – агресивно и профашистички повторуваше роботот и се чинеше како да е расипана машина која вергла во бесконечност.

golemoto_drugo

Зборовите одекнуваа се’ посилно и посилно во амбисот додека Гаврил пробуваше да не мисли на Големото Друго, пробуваше да ги затне ушите, очите, устата – и во еден тивок момент кога потејќи се се увери дека нема никој околу него,  зборовите престанаа, тој се сврте збунет од тишината и трас! Големото Друго веќе го немаше. Гаврил падна на земјата и исплашен почна да трча кон градот најбрзо што можеше- се бореше со силите на Големото Друго кои го приморуваа да лебди, та преташе со рацете во воздухот како мува при обичен здив на човек, а во мислите му беше Георгиевски. Оти не му кажал дека уметноста веќе и не постои? Оти не му кажал дека само заработувал преку Уметнификаторот?  Глупав комерцијалист! Капитализмот, глеј, па тој станал цел уметнички правец!

Штом пристигна, музејот беше празен, а сликарот стутулен во едно ќоше.

–          Уметнификаторот! Каде е таа проклета машина? – вресна Гаврил. Заради нејзе ли умре уметноста?!

Георгиевски се противеше да говори и Гаврил се фрли врз него кубејќи го по долгите бели коси, а кога сликарот повторно не проговори, тој тргна сам да ја бара машината по белиот музеј. Бесно ги истураше полиците, артефактите и кога доволно се измори седна нервозен насред просторијата. Сликарот пак, изговори со многу тивок глас :

–          Имаше многумина како тебе. Отидоа да го видат Големото Друго и не беа исти никогаш повеќе. Потоа одбиваа да веруваат во него…

–          Но, ви велам сликару, кога не верувате во него тоа и навистина не постои!

Георгиевски се сврте мирно како старец кој одамна се откажал од уметнички револуции, бидејќи против Големото Друго човек не може да се бори ниту со своите мисли, ниту со својот цинизам, и набрзина потрча по ходникот во некои темни простории, а Гаврил поита зад него. Сликарот дишеше брзо и неправилно.

–          Само мораш да ми ветиш нешто – рече.  Тоа што ќе го замислиш мора да биде искрено. Инаку ова нема да ни успее.

Гаврил само молчеше и седна на столчето наречено Уметнификатор.

–          Вети ми!

Гаврил му вети и силно замижа. Сепак, ниедна од работите кои ги замислуваше не се проектираше на ѕидот од спротива. Се обиде повторно и повторно. Уметнификаторот како да не можеше да ги прочита неговите визии. Кога замижа повторно, почувствува отпор и на ѕидот се проектираше ликот на Големото Друго како ги исмејува неговите обиди :

–          Неплоден сте уметнику, оти не верувате во мене – во Големото Друго – ечеше неговиот глас. Неплоден сте, оти сте циник и не верувате во ништо! Откажете се од револуција! Смрт на уметноста! Смрт на уметноста! Смрт на уметноста!

Уметникот падна од столчето држејќи се за слепоочниците, пробувајќи да мисли на својата уметност, а Георгиевски пробуваше да ја исклучи машината. Столчето почна да искри, а проекцијата стануваше се поинтензивна. Така беше и кога повторно се обидоа. Два часа потоа, Гаврил велеше дека не преостанува ништо друго освен да се уништи Уметнификаторот, заедно со сите проклети уметнификатори во градот! И така би. Веќе следниот момент тој го фрли столчето низ прозорецот. Немаше никаков тресок и набрзо увидоа дека столчето всушност, лебди околу музејот. Или барем : веруваа дека лебди! Проклето столче!  И нека лебди, а тие двајца ќе смислуваат нови начини за борба со Големото Друго. Цинизмот и агностицизмот ионака се чинеа – бесцелни и немоќни. Новата уметност по се изгледа бараше и нова верба, нов Бог, ново Големо Друго, нова – идеологија.

–          Но, како да победиме една идеолошка конструкција – ако не само со нова идеолошка конструкција? – воскликна еднаш Гаврил зборувајќи за Големото Друго.

И тогаш, за првпат не се срамеа да создадат –  идеологија. И овојпат, таа мораше да биде вистинска- оти идеологијата наречена „Големото Друго“: вербата во не-вербата – зарем не беше таа противречна?  Новата идеологија мораше да биде – љубов, таа мораше да биде – симболична толку колку што е и реална. Наскоро, Георгиевски во еден тефтер се зафати со запишување на новите вредности на новата уметност, додека столчето наречено Уметнификатор само проникливо и зајадливо им мафташе од прозорецот. Ако – нека си лебди.

Гаврил почна да диктира :

–          Пост-модерната уметност на иднината е глупава, баш затоа што е совршена и мултимедијална. Kреативноста е нарушена. Уметнификаторот е алатка за идиотите – тој и од креативните направил – мрзливци. Во 21-иот век, презаситени сме од совршенство и затоа тврдам : само несовршенството е совршено. Само конечното е бесконечно. Смртта на уметноста, таа веќе се случила, и затоа, време е за едно ново прекрасно – несовршенство.

Георгиевски се сепна на зборовите, но не ја дигна главата и продолжи да ги запишува. Во деновите што доаѓаа тоа несовршенство изгледаше толку примамливо што формулата ја испишаа и на еден од ѕидовите. Гласеше вака:

                                           НЕСОВРШЕНСТВО = СОВРШЕНСТВО

                                                       КОНЕЧНО = БЕСКОНЕЧНО

1n


[1] експлозија со која настанал универзумот

[2] Viva la muerte : „да живее смртта“, профашистичка порака