Иранскиот кинематограф Мортеза Геиди претставен на „Манаки“

Директорот на фотографија Мортеза Геиди го промовираше својот прв долгометражен филм „Нахид“, кој на „Браќа Манаки“ се прикажува по светската премиера во Кан. Режисерката Ида Панахандех ја доби и наградата за „Надежен режисер“ токму во Кан. Повеќе од 400 луѓе го видоа филмот, кој зборува за многу табуа и проблеми низ кои се поминува жената во иранското општество, но и нејзината голема борба за своето место.

DSCF3730

На денешната прес-конференција мал осврт кон растежот на иранската кинематографија направи селекторот на Официјалната програма, Благоја Куновски, кој ја сподели радоста што на публиката и се допаднал филмот, судејќи според реакциите.

Геиди истакна дека е многу среќен што е токму на фестивалот од типот на „Браќа Манаки“. Тој е дипломиран режисер, но неговата љубов е камерата.

DSCF3724

-Во последно време се повеќе жени добиваат прилика да снимаат филмови. Иранците многу сакаат да одат во кино. Се надевам дека реакцијата за нашиот филм дома ќе биде исто толку добра како овде во Битола.  Иранскиот филм станува се популарен и во светот, а за тоа се задолжени неколкумина автори. За начинот на снимањето, со оглед на тоа дека Нахид е главниот лик, се фокусирав на неа.  Кога сакавме да прикажеме дека не е среќна во куќата кај нејзината мајка, користевме сива атмосфера – рече Геиди.

Геиди работел како асистент на филм со големиот кинематографер Виторио Стораро.

Во Битола пристигна и Јаромир Шофр, добитникот на наградата за животно дело „Златна камера 300“. Утре тој ќе одржи две мастер-класи, од кои едната заедно со неговиот колега Марек Јиха.  Гостин во Битола е и италијанскиот кинематографер Арналдо Катинари, кој го сними филмот „Мојата мајка“ на славниот режисер Нани Морети. Филмот ќе биде прикажан вечерва во 20 часот.

Гостинка на фестивалот е и Хатиџе Аслан, главната актерка од филмот „Три мајмуни“ на режисерот Нури Билге Џејлан.

Во рамките на Еуролинк -Студентската програма на фестивалот, вчера беше доделена и наградата за најдобар филм. Режисерот Милчо Манчевски му ја врачи наградата на режисерот Никица Здуниќ за филмот „Милевин потилјак“.