Како да го „подмладиме“ мозокот?

Неврогенезата претставува основен облик на позитивно физиолошко трансформирање на мозокот, кој што подразбира ново образување неврони од прогениторните и невралните матични клетки. Овој процес на „подмладување“ на мозочните клетки во одредени случаи може да трае и во староста.

Во зависност од општото функционирање на еден човечки мозок, односно неговите когнитивни капацитети, е определен и интензитетот на неврогенезата во текот на различни периоди од натамошниот живот.

Кај возрасните, неврогенезата е претежно локализирана околу 1) подвентрикуларната зона, каде е во линија со латералните вентрикули – местото преку кое се движат новосоздадените клетки до местото од кое потекнуваат олфактивните нерви и 2) подгранулатната зона која што претставува дел од хипокампот, што е во рамки на предметот на истражување и кај подолу наведениот пример.

Како што е познато, кај возрасните цицачи најголем дел од новородените мозочни клетки изумираат уште пред да се вклопат во интерната нервна мрежа на мозокот. Меѓутоа, според некои најнови истражувања, постојат определени органски соединенија кои и покрај процесот на мозочно стареење можат да ги подобрат капацитетите за образување нови мемории, кој понатаму би се покажале како алтернативен метод на заштитување на нервните клетки што евентуално би довело до примена во лекувањето на најспецифичната болест од овој тип – Алцхајмеровата болест. Засега, едно такво соединение со назив Р7С3 е употребено во однос на мозоците кај лабораториските глувци, каде е забележана неврогенеза околу хипокампот. Дотогашните опити во оваа насока се соочувале со проблемот на зачувување и интегрирање на новосоздадените неврони во функционирачката нервна мрежа на мозокот, при што, парадоксално, поверојатно е да подлежат и на некои потешки болести кои би резултирале со смрт. Кај испитаните глувчешки мозоци од создавањето до функционализирањето на невроните неопходи период од 2 до 4 недели – време за кое умираат повеќето новосоздадени клетки; употребата на Р7С3 (а потоа и на одовде произлезното соединение А20) едноставно ја зголемило веројатноста за надминување на оваа граница. Употребата на соединението Р7С3 означило пополнување на генетскиот недостаток на кој се должел краткотрајниот животен век на новосоздадените неврони, преку улогата на подржувач на стабилните клеточни енергетски нивоа.

Во 1990-тите експериментално беше верифицирана можноста за неврогенеза (во пределот околу хипокампот, врз основа на што потоа се хипотетизирани можностите за регенерирање на клетките/ткивата во неокортексот) кај возрасните примати, вклучително и човекот.

Современите истражувања ја поврзуваат неврогенезата со регулација на неколку позначајни умствени функции – справување со стресот, учење, помнење, присетување, регулација на спиењето и тн., сугерирајќи и на нејзината обратна зависност од редовното извршување на овие функции (доколку субјектот не практикува правилен сон, исхрана и извршување на останатите когнитивни функции, како често влегување во стресни и депресивни ситуации, неврогенезата е загрозена).
Интересно е што ексцитабилноста на новосоздадените неврони е поголема од онаа на старите неврони, што се должи на различната изразеност на GABA рецепторите.

Одовде, се претпоставува и дека стресот мошне поинтензивно се доживува кога дошло до запирање на овој процес.
Поголем број современи истражувања укажуваат на позитивното влијание на неврогенезата врз невропластичноста. Секако, разбирливо е, одовде, што и двете, генерално, со стареењето опаѓаат.

Во современата наука генерално јасни се начините на кои неврогенезата и невропластичноста повеќе или помалку директно влијаат врз менувањето на субјективната феноменологија на свеста.

Според некои современи истражувања, неврогенезата може да се поттикне преку комбинирање на различни типови психички и физички активности и тоа:

1. Медитација


2. Физички тренинзи


3. Консумирање храна богата со епикатехини, антиоксиданси и омега-3 масни киселини (овошја од типот на боровинките и грозјето, пијалоци од типот на чајот и црвеното вино)


4. Вежбање на работната меморија


5. Помал внес на калории


6. Учење/стекнување нови знаења


7. Живеење во убава (најчесто природна) средина


8. Употреба на антидепресанти (хипокампна неврогенеза)


9. Употреба на инфрацрвени кациги

Комбинирајќи ги овие активности, освен што се поттикнува процесот на создавање нови мозочни клетки и во подоцнежните периоди од животот, со што практично се спречуваат и голем број болести кои се јавуваат со староста, се подобрува и самиот квалитет на живот.