Зошто сонуваме? (1 дел)

 

Додека самиот процес на спиење по себе е реализација на потребите за одржување на стабилен биоритам и прилагодување на биолошкиот часовник согласно потребите и можностите, сонувањето подразбира задоволување и други важни функции. Разгледан како еволуциска придобивка, тој е манифестација на хедонистичките капацитети, зачувување и подобрување на меморијата, општо подобрување на интелектуалните и емотивните капацитети, што истовремено го подразбира подобрувањето на имагинацијата, флексибилноста и адаптабилноста на личноста и повеќето аспекти на расудувањето, претставува важна појдовна точка за согледувањето на егзистенцијалните и есенцијалните субјективни околности под кои се одвива еволуцијата. Одовде, би можеле да говориме и за функцијата на соништата во контекст на општата наклонетост за меморирање определени (според некакви категории) настани во натамошниот тек на животот, но и врз моќта за сеќавање на нстани од минатото, со оглед дека при сонувањето доаѓа до активација на поголем број сегменти од хипокампот и неговата формација.

Некои толкувачи на природата и есенцијата на сонот сугерираат дека појдовна причина за самото сонување е ненавикнатоста на човекот во рамки на период од 7-8 часа да се изолира визуелно од светот околу себе. Покрај тоа, доколку не постои процесот на сонување, освен што би се постигнала ваквата перцепциска (визуелна), туку несомнено би постоела и когнитивна (имагинациска, мемориска, логичко-толкувачка) и емотивна (доживувачка) изолација на човечкото суштество од светот, надворешен и внатрешен.

Меѓутоа, за да соодветно ги изложиме нашите претпоставки за сонот како значајна придобивка во процесот на човековата еволутивна кефализација, би ги посочиле како соодветен пример за разгледување случаите каде од варијабилни причини дошло до привремена или трајна загуба на сонувањето.

Според некои, привремената (најчесто едноноќна) загуба на сонот најчесто е случај кога субјектот непосредно пред легнување не внесува преголемо количество храна, особено протеини, а поголем удел од веќе внесената храна опфаќаат јаглехидратите, потоа, доколку во скоро време не го вложувал во поинтензивна мера своето внимание, што е случај со претерано стресните, трагичните, комичните… доживувања, доколку изминатиот ден му минал воопшто релативно флегматично, доколку личноста пред заспивање не биде преморена и слично.

Ова би го дополниле со сознанието за зависноста меѓу појавата и траењето на сонот во текот на REM фазата и ацетилхолинот, на што ќе се осврнеме понатаму, па според тоа, би уследил и заклучокот дека намалувањето на храната која го предизвикува излачувањето на овој хормон, односно на хормонот кој го предизвикува неговото лачење – холинот, секако спаѓа во рамки на активностите кои би можеле да бидат преземени во насока на отстранување на сонот за време на спиењето.

Од друга страна, во окципитално-париетално-темпоралниот јазол од сивата зона, како едно од подрачјата инволвирани во најкомплексните аспекти на перцепциското процесирање, се одвива конверзијата на перцепциите во мисли, чувства и сеќавања; во однос на соништата ова подрачје е значајно по тоа што неговото оштетување секогаш резултира со нарушување на квалитетот и квантитетот на соништата, а во некои случаи може да означува и целосна оневозможеност за сонување. Ова понекогаш е случај со пациентите кои страдале од артериски мозочен удар во задната страна на мозокот, како и кај оние кои се здобиле со повреда на допаминергиските патишта, иако поретко доаѓа до целосна загуба на можностите и капацитетите за сонување.

Одовде уследуваат и повеќето хипотези во однос на тоа дека во процесот на сонување консеквенцијално се активираат најпрвин посложените, а потоа поелементарните перцепциски сегменти, што пак, се должи на изолираноста на системот за движење. Притоа, разбирливо е дека наместо како што е случај во будните состојби, во текот на сонувањето однесувањето на субјектот наместо од мотивацијата да е покренато од имагинарните перцепции.

Човековиот мозок, покрај одморот за време на спиењето, се адаптирал на употребата на сонот како дополнително средство со значајни егзистенцијални и есенцијални импликации во реалниот живот. Самото сонување, генерално кажано, би можело да биде во насока на општото подобрување на ефектите од спиењето, меѓутоа, целосните причини за неговото постоење се екстремно сложени, дотолку што не би можеле соодветно да ги образложиме ниту во рамките на овој текст, ниту пак, засега, во какво било научно-засновано теоретско дело.

Нашето гледиште во однос на сонувањето е дека овој процес претставува мошне значајна еволуциска придобивка, чии функции се како од егзистенцијално, така и од есенцијално значење, односно, како што содржината на еден сон би можела да помогне во подобро адаптирање или промена на тековниот начин на живот, така и да го подобри неговиот квалитет во психолошка, односно когнитивна (мисловна и мемориска) и естетска (емотивна, чувствена и перциптивна) смисла. Ова не значи дека не е правилно сонот да се разледа како нуспродукт на спиењето, како еден од егзистенцијално најзначајните процеси, туку, со самиот факт што за неговото постоење очигледно е неопходно субјектот да спие, потребно е сонот да се разгледа токму како еволуциски епифеномен. Сепак, она што е најзначајно за сонот е неговото дејство во насока на „ненапорно тренирање“ на свесните и пот/несвесните психолошки капацитети на кои веќе алудиравме, иако, како што согледуваме, тој во наведениот контекст е сосем непотребен кај организмите со попроста мозочна организација од човекот.

Сфаќањето на природата на сонот би требало да се заснова врз комплементарности меѓу постоечките теории за природата на сонувањето.

Продолжи со читање>>