Препорачана храна за време на бременоста за развој на бебешкиот мозок

Кога станува збор за исхраната, можеби најзначајни за мозочниот (пред)ембрионален развој се омега-3 масните киселини, содржани во најголема мера во морската храна, растителните масла и одредени лушпести овошја.

Омега 3 масните киселини исто така се важни и за кардиоваскуларниот систем, меѓутоа ние овде ќе го разгледаме нивното дејство во однос на нервниот систем, за што како нивен поттип е поспецифично заслужна докосахексаенската киселина (DHA), која е исто така заслужна и за развојот на очите.

Консумирањето DHA за време на бременоста (а најчесто и претходниот период) исто така влијае и врз когнитивниот развој во раното детство, можностите за концентрирање и визуелното учење, односно оформувањето правилна топологија во однос на просторот достапен на видот, кога детето (некогаш дури до 4-та година од животот) ги оценува можностите и границите на предметите и движењата кои ги здогледало, и по аналогија на истите индуцира заклучоци за сите видови движења и предмети. Според тоа, може да се заклучи дека консумирањето DHA во голема мера влијае на интелигенцијата на детето, особено нејзините аспекти врзани за визуелизацијата, визуелната имагинација, визуелната меморија и тн.    Утврдено е и дека недоволното консумирање фолна киселина на почетокот (до 7-та недела) од ембрионалниот развој може да резултира со одредени пореметувања на невралната цевка, од кои најчесто е spina bifida – состојба кога таа не е целосно затворена, при што останува дел каде ‘рбетниот мозок не е споен, туку поделен на 2 дела, нарушувајќи некои од неговите функции.

Процесирањето на фолната киселина во организмот на една бремена жена е посебно подржано од цинкот, при што се овозможува засилување на нејзините позитивни ефекти во насока на нервниот развој на ембрионот. Фолатот, меѓутоа, е клучен за производството на хемоглобин, но е истовремено и значаен за одвивањето на секој процес во кој се создаваат нови клетки, односно трансформацијата на протеините и аминокиселините, додека фолната киселина е најзначајна за синтетизирањето мозочни невротрансмитери.

Јодот е исто така значаен елемент за правилниот развој на мозокот, со тоа што неговото недоволно консумирање неретко може да доведе до церебрална парализа и ментална ретардација.

Внесувањето железо ја забрзува продукцијата на црвените крвени зрнца кои знаеме дека ја извршуваат функцијата на снабдувачи со кислород на фетусот, што секако, индиректно означува своестрано забрзување и поддршка на неговиот развој.

Од друга страна, како што постојат позитивни влијанија на консумацијата врз развојот на нервниот систем кај ембрионот, така постојат и соодветни негативни влијанија, предизвикани од преголемата или премала консумација на потребните состојки, пушењето, користењето алкохол, лекови и наркотични средства.

Така, и најмалата употреба на алкохол на почетокот од бременоста лесно може да доведе до трајни негативни последици врз когнитивните способности на детето, додека пак, почестата употреба може да резултира со тнр. алкохолен синдром на плодот, кој што се карактеризира со оштетување на многубројни нервни структури преку нивно деформирање и запирање на развојот во различни предели, при што на долг рок најчесто се оштетуваат капацитетите за внимание, помнење, донесување правилни и брзи одлуки, самоконтрола, но се создаваат и предиспонираности кон бројни психички заболувања и зависности.

Ефектот од тутунот и никотинот преку пушењето може да резултираат со значајно намалување на брзината на раст на фетусот од каде произлегува и намалувањето на висината и масата на фетусот, како и зголемени веројатности за предвремено раѓање, спонтан абортус и Синдромот на нагла детска смрт, која означува можност за смрт на бебето непосредно по раѓањето.

Ефектот од употреба на различни дроги за време на бременоста во поново време здобива на интерес од страна на истражувачите засегнати од оваа област. Генерално е познато дека тие влијаат врз сигнализирањето на невротрансмитерите кои инаку се јавуваат како значајни регулатори на клеточната миграција, формацијата на невронски кола, пролиферацијата и дефинитивното физиолошко утврдување.

Сепак, влијанието на консумираните дроги врз 3-те претходно наведени фактори: факторот на раст, хормоналната активност и невротрансмитерите е она што би го определило системското структурно-физиолошко пренатално развивање на мозокот.

Така, марихуаната, покрај за некои од последиците на пушењето, како на пример, намалената телесна тежина и висина, може да биде главна причина за телесни и особено невролошки пореметувања, па дури и смрт на фетусот за време на мајчината бременост. Метамфетамините најштетни влијанија имаат по структурата на скелетот, срцето, бубрезите, како и ‘рбетниот и големиот мозок.

Кокаинот, како и повеќето останати дроги е директно одговорен за намалувањето на растот на фетусот, а го зголемува ризикот за спонтан абортус, пренатални мозочни удари, нарушувања на функциите на белите дробови и бубрезите. Исто така може да доведе и до тнр. abruptio placentae, состојба во која плацентата во голем дел се одвоила од ѕидот на утерусот, што често доведува до крварења од подоцнежните фази на бременост. Консумирањето кокаин за време на ембрионалниот развој може да го направи новороденчето зависно од оваа дрога, при што неретко доаѓа до тешко и болно откажување од истата во текот на подоцнежниот развој, што неретко резултира и со бројни когнитивни пореметувања, како нарушени капацитети за концентрација, меморија и логичко резонирање. Наркотиците, пак, покрај што најчесто предизвикуваат исти со претходно наведените симптоми, често причинуваат и значајни нарушувања на когнитивните функции, крварења во повеќе предели на главата, ослабена моторна координација и општо нарушување на моториката на организмот. Покрај ризикот за пренесување на ХИВ вирусот на своите бебиња, мајките ја пренесуваат и зависноста од наркотици, и следствено, патат од апстиненција.

Според мноштво релевантни неонатолошки истражувања, внесувањето недоволно храна за време на бременоста влијае негативно врз размножувањето, поврзувањето и општиот развој на невроните од различни мозочни сегменти, особено кај оние задолжени за регулација на повисоките функции. Од друга страна, дури и доколку внесувањето исхрана е на адекватно ниво, кај мајките на мошне доцна или рана возраст, постои веројатност хранливите материи да не се дистрибуираат во неопходната мера за правилен мозочен и телесен развој на ембрионот – кај постарите родители ова е последица на ослабеното дистрибуирање крв во фетусот заради општата окрутеност на крвоносниот систем и особено артериите, додека кај премладите родители ова се должи на фактот дека за да нивните тела продолжат да растат и да се развиваат со константна брзина, потребно е додатно количество нутрициенти, за чија сметка се намалува количеството нутрициенти наменето за фетусот.

Според тоа, секој вид заболување на крвоносните садови на мајката кое го успорува патувањето на нутрициентите и останатите потребни материи до фетусот претставува пречка за неговиот правилен мозочен развој.

Имајќи го предвид наведеново, улогата на нутрициентите во пренаталниот мозочен развој, воопшто, ја разгледуваме во контекст на значајноста од нивната пристапност за клетката при извршување одредени функции; на пр., кога при крајот од бременоста започнува апоптозата на невроните како одговор на нивното прекумерно создавање до 7-от месец во насока на општата стабилизација на мозокот, се смета таа се јавува како резултат на генетската програмираност на клетките да подлежат на ваков вид самоуништување, меѓутоа, постои обратно пропорционална зависност меѓу достапноста на хранлива материја и веројатноста апоптозата да биде остварена како таква. Објаснение со најголема веројатност е тоа дека овие клетки преживуваат како резултат на посолидната основа за нивниот правилен развој, што произлегува од фактот дека веќе обезбедиле соодветен извор на нутрициенти, со што на одреден начин се „поштедени“ од програмираната апоптотска смрт преку деактивација на гените кои иницијално ја определиле.