Неколку факти за божиќниот колач „панетоне“

Наближува крајот на старата година, со тоа и уште еден „нов“ Божиќ, а италијанците велат: Natale con i tuoiCapodanno e Pasqua con chi vuoi, од што се истакнува нивниот традиционален дух при семејното празнување на  Рождеството Христово.

За овој голем празник, како дел од традицијата во италијанските семејства е популарниот божиќен колач „панетоне“ што секоја година пред Божиќ пристигнува во продавниците или се подготвува во домовите.

Во минатото, овој колач го имало само околу Божиќ, а најстарото потекло за сладок леб, колаче со мед, семки од калинка и бор и суво грозје, датира уште од стар Рим. Денешното панетоне се прави според рецепет запишан во 18 век од страна на  Пјетро Вери, под името „Пане ди Тони“ или „Лебот на Тони“.

Исто така денес има многу рецепти од кои приближно се добива ваков колач, но оригиналниот рецепт се крие во Италија, бидејќи таму ниту една празнична трпеза не поминува без панетоне, затоа и постојат многу легенди за овој колач.

Една легенда: Во тек на божикен ручек кај миланскиот војвода Лудовик готвачот го прегорел планираниот колач. Еден од чираците, извесен Тони, предложил да искористат сладок леб кој тој го направил за себе утрото. Гостите на војводата биле воодушевени и следниот Божик и самите имале ваков колач на трпезите.

Друга легенда: некој благородник, Угето Атејани, се заљубил во Адалгиса, ќерка на сиромашен пекар по име Тони. За да ѝ привлече внимание се преправил во пекар, се вработил кај таткото и го измислил богатиот леб со брашно, квасец, јајца, путер, суво грозје и кандиран лимон и портокал. Тој станал толку популарен што семејството на пекарот се збогатило. Војводата на Милано, Лудовико Сфорца, така можел да се согласи на бракот помеѓу аристократ и припадничка на пониската класа (сега збогатена), а на свадбата помеѓу сватовите бил дури и Леонардо да Винчи

Една од тајните за успешни форма и вкус на панетоне е оставање на тестото да порасне три пати (во тек на 20 часа) пред печење, така рекол познатиот пекар Анџело Мота.

Италија произведува 117 милиони панетоне и пандоро („златен“ колач, исто така правен на Божик но без суво овошје), вредни скоро 600 милиони евра. 

И во други земји се прави сладок леб со суво овошје, како на пример во Македонија „козињак“ , но сепак вкусот на оригиналниот панетоне е посебен и затоа италијанците целосно не ја кажуваат тајната за посебниот шмек што за нив е како „заштитен знак (вкус)“.