Денеска почина академик Георги Старделов

Spread the love

Во голема жалост ја споделуваме веста дека денес, на 90 годишна возраст, почина академик Георги Старделов…гласеше веста објавена денеска на Фејсбук на Филозофскиот факултет.

Тој е уште еден од значајните македонски академци, филозофи, естетичари, есеисти, книжевни критичари, антологичари и теоретичари што се вселиле во македонското книжевно небо, што секогаш ќе се паметат и спомнуваат.

Академик Георги Старделов е роден во 1930 г. во Гевгелија. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал по филозофски науки во 1965 година. Бил професор на Философскиот факултет во Скопје (1956-1966), негов декан (1975-1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија  и претседател на Македонскиот ПЕН центар. 

Бил член на редакцијата на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ а неговото творештво е богато со многу есеи, поетски и прозни антологии од областа на филозофијата, естетиката, историјата на естетиката итн. Исто така се занимавал и со преведувачка дејност.

Како професор гостувал на неколку југословенски, европски и американски универзитети, а  има постигнато особено значајни резултати на полето на примена на филозофската херменевтика во анализата на книжевните и уметничките феномени.

Вечна му слава!