42. Издание на „Браќа Манаки“ под мотото „И покрај сè“ од 16 до 21 септември

Битола од Од 16 до 21 септември ќе биде домаќин на најновото издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Меѓународниот фестивал на филмската камера, кој е еден од елитните балкански филмски фестивали, годинава традиционално ќе понуди звучни имиња. Под мотото „И покрај сѐ, отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се одржи во пациото на Музејот во Битола.

Иако ќе се одржи хибридно, фестивалот сепак ќе понуди голем број филмски дела, со програма од 10 долгометражни филмови и 10 кратки филмови.

Програмата на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ е скратена поради намалениот буџет, но директорот Симеон Мони Дамевски посочува дека и оваа година ќе има гости на фестивалот, а ќе се одржат и носечките фестивалски сегменти. Во официјалната конкуренција ќе има десет долгометражни и исто толку краткометражни филмови. Ќе биде одржана и ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика“, кои ќе бидат прикажани на Македонската телевизија.

Фестивалот ќе биде отворен со проекција на македонскиот филм „Сестри“ (Sisterhood). Фестивалската публика во Битола, ќе биде првата која ќе го погледне филмот, кој туку што учествуваше на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Карлови Вари, освојувајќи ја „Специјалната награда од жирито“ во програмата „Источно од западот“.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски, соопшти дека добитникот на главната награда – „Златна камера 300“ – годинава ќе го добие австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, кој е познат по неговиот систем на осветлување кој е негов изум и кој ќе биде презентиран на Фестивалот а за кој ќе оддржи и работилница.

Андреј Кончаловски е годинешен лауреат на специјалната награда „Камера 300“.

Актерот Бајрам Северџан, најпознат по филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Куструрица, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов, е добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда која ја доделува Друштвото на филмски професионалци (ДФРМ). Со оваа награда, воведена во 2013 година, се оддава признание за исклучителен придонес за македонската кинематографија.

Буџетот на Фестивалот е намален за 30 отсто. Во официјалната селекција, зад која стои Слаѓан Пенев, ќе има 10 долгометражни филмови, а во кратката, по избор на режисерот Даријан Пејовски, исто така 10.

Во кратката програма македонска премиера ќе има и „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој во јули беше во конкуренцијата за Златна палма во Кан.