Работилница за филмско осветлување со лауреатот на „Камера 300“ Бергер

Кристијан Бергер, професор на Филмската академија во Виена, годинешен добитник на златна „Камера 300“ за животен опус на 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е еден од најприсутните светски кинематографери на Фестивалот.

Бергер двапати го презентираше системот во рамките на изданијата на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола каде е чест гостин, односно во 2008 година како кинематограф беше избран за претседател фестивалското жири, во 2012 година Бергер беше освојувач на „Специјалната Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, а годинава ќе му биде доделена „Златна камера 300“ за животен опус.

Во својата кариера, Бегрер е носител на бројни награди и признанија меѓу кои и престижната награда на Американското здружение за кинематографија ASC (American Society of Cinematographers) за најдобар кинематографер за филмот „Белата панделка“. Тоа од 2010 година му го донесе и заслуженото членство во AMPAS (Academy Of Motion Pictures and Science) т.е. Американската филмска академија која ги доделува Оскарите.


Воедно, во склоп на фестивалот под менторство на Бергер ќе се одржи и работилница за „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“, кој според Бергер овозможил многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија.

За системот, Бергер го има изјавено следново:

„Првпат го користев „Системот за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“ кога работев со режисерот Михаел Ханеке на филмот Учителка по пијано. Го користев само во мали делови, не на целиот филм. Тоа беше тест за мене да видам како работи, како можам да го користам… и се разбира без знаење на Ханеке. Но, по два часа снимање тој забележа и рече: Немој да експериментираш со моите филмови! Но, сега, Ханеке го сака овој систем и од 2001 година го користам во сите мои филмови.“