Џослин Пук во Битола зборуваше за филмската музика и соработката со Кјубрик

Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика откако легендарниот режисер Стенли Кјубрик ја ангажирал да напише музика за неговиот филм „Очи ширум затворени“ (Eyes Wide Shut) во 1999. На композиторката од Лондон ѝ било посочено дека проектот се реализира во најголема тајност, но на нејзино упорно инсистирање сепак добила прилика да ги види снимените сцени за кои требало да компонира музика…

„Секогаш инсистирам да ги видам снимените материјали од филмот за кој пишувам музика“, потенцираше британската композиторка Џослин Пук на мастеркласот одржан викендов во Битола во рамките на 42. ИФФК „Браќа Манаки“. На светската јавност таа ѝ е позната како композиторка на музиката за филмовите на Кјубрик и Скорсезе. Пук е добитничка на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на годинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Модератор на мастеркласот беше Грег Малканџи, дизајнер на звук од Англија кој веќе неколку години живее и работи во Скопје, и кој ги водеше присутните на разговорот низ разните фази од нејзиниот креативен развој како музичарка и композиторка.

Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика откако легендарниот режисер Стенли Кјубрик ја ангажирал да напише музика за неговиот последен филм „Очи ширум затворени“ (Eyes Wide Shut) во 1999. Модераторот Малканџи потсети дека Кјубрик посветувал огромно внимание на сите сегменти од филмската продукција, не само на режијата, туку и на камерата, звукот… На Пук ѝ било посочено дека проектот се реализира во најголема тајност, но на нејзино упорно инсистирање сепак добила прилика да ги види снимените сцени за кои требало да компонира музика. Малканџи потсети и дека филмските режисери имаат различен пристап кон музиката во нивните дела. Квентин Тарантино, на пример, ги избирал песните како музичка илустрација уште пред да започне со снимањето на филмот. „За разлика од таквиот пристап, композиторите на филмска музика креираат лајт-мотив за карактерите во приказната“, вели Пук.

Новиот милениум ѝ донел нови предизвици и успеси: авторството на музиката на „Венецијанскиот трговец“ на Мајкл Редфорд и „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе сигурно се меѓу најмаркантните триесетина играни филмски, телевизиски и документарни наслови. Нејзината биографија содржи низа „егзотични“ делови од нејзината рана фаза во музиката. Таа на почетокот на мастеркласот посочи дека 80-те години на минатиот век за неа биле прилика за поинакво едукативно надградување, освен класичното академско образование. Нејзините почетоци се врзани и со уличното музицирање како „баскер“ (уличен забавувач) со нејзиниот квартет: познатиот музичар Пол Велер ја чул во една прилика и ја ангажирал. Пред кариерата како композиторка на филмска музика во 80-тите години Пук членувала во поп-бендови: „ABC“, „Meat Loaf“ и „The Communards“, а била и сешн-музичар на проектите на ѕвездите Питер Габриел, Ник Кејв, Пол Макартни, Марк Нопфлер, Лори Андерсон, „Massive Attack“…

Во разговорот се вклучи и македонската пејачка Тања Царовска, која ѝ заблагодари на Пук за поддршката која ја добила на почетокот на нејзината интернационална кариера. Пук и Царовска изразија заедничка надеж дека во наредниот период ќе ја реализираат нивната замисла за голем концерт под отворено небо.

Во рамки на фестивалот е претставено и интернационалното жири на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција, предводено од Суки Меденчевиќ, американски кинематографер со потекло од БиХ. Меденчевиќ, меѓу останатите педесетина филмски проекти во неговата кариера, е кинематографер на филмовите „Големата вода“ и „Берлин проект“ на Иво Трајков и „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски. „Првпат дојдов на Фестивалот пред 17 години, а претходно во 2002 работев овде, бидејќи дел од снимањето на филмот ‘Големата вода’ се одвиваше токму во Битола и добро сум запознаен и со опкружувањето и со самиот фестивал. Филмот беше одлично прифатен и тоа ми остана како едно убаво искуство, а она што сметам дека е најголем квалитет на овој фестивал е дека уште тогаш имаше една карактеристика на интимен пристап кој се провејуваше низ фестивалските денови. Но, сметам дека најголем квалитет е што ги става кинематограферите во центарот и ја прославува умешноста да се раскаже приказната низ слики. Тој и понатаму гледам дека се одвива во таа насока и затоа тој е уникатен“, рече Меденчевиќ. Во жирито се и Филип Бергсон, филмски критичар од Велика Британија, Вим Ванaкер, познат белгиски режисер, Соња Просенц, продуцент од Словенија и Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематографери, но и на Турското друштво на кинематографери. „Годинава има одлична селекција на филмови, според она што досега го гледавме. Навистина сум среќен дека фестивалот се отвори со македонски филм, кој навистина заслужува да биде дел од овој фестивал“, додаде Попов. Филип Бергсон пак, истакна дека е среќен што на фестивалот „Браќа Манаки“ се слави филмот на оној начин како што треба. „Многу се радувам што овде конечно има нова киносала, каде што ги гледаме филмовите. Фестивалот секогаш во својата селекција има застапено нови автори и ветерани, што претставува добар баланс“.Членовите на стручното жири сите филмови во конкуренција ги гледаат и оценуваат во новото битолско кино „Манаки“, кое се наоѓа на просторот од некогашното кино на браќата Манаки, на Широк сокак во Битола.

Инаку, филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума го отвори 42. издание на фестивалот. „Вистинит настан беше инспирација за филмот и се случи во моето училиште, а случајот се појави и на вести. Три години се развиваше сценариото, снимавме шест недели на различни локации низ Скопје, а за да ги најдам прекрасните млади дами кои глумат во филмот ми требаа шест месеци. Заедно се подготвувавме низ разговори, а за мене беше најважно да се вистински тинејџери. За мене нивниот свет е познат, бидејќи до неодамна и јас бев скоро тинејџерка“, рече режисерката Дума. „Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.