Каспер Туксен, дански кинематограф: Сакам да работам на „мали“ приказни за „обични“ луѓе

Кинематограферот Каспер Туксен од Данска на ИФФК „Браќа Манаки“ учествува со филмот „Најлошата личност на светот“ и тој е последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер. На прес-конференција, Туксен се обрати преку видео-врска и говореше за квалитетот на неговиот филм. Посочи дека во Битола не пристигнал заради актуелната пандемија.

  • Светлото е клучно во овој филм бидејќи се претставуваат многу сезони од годината. Иако сум од Данска, не е многу различна од Осло. Таму поминав четири месеци само во проучување на светлината и имав можност да го видам светлата на Осло во една година. Тоа беше добра тактика цел ден да се мине на местото каде што ќе се снима и да го гледам светлото, да го проучувам и да испланирам како ќе се снима секоја сцена во било кој дел од денот. Сценариото зависи од светлото од самиот почеток бидејќи филмот почнува со сцена од зајдисонце, има многу периоди каде се менуваат делови од денот. Режисерот сметаше дека светлото е клучно за визуелизацијата на неговата приказна. На филмот сум горд, мислам дека ги содржи сите елементи кои би требало да ги има, се надевам дека ќе им значи на гледачите затоа што тоа ми е и крајна цел на работата. Многу филмови ме формираа како личност, и доколку тоа го остварат и моите филмови, тогаш мојата цел како кинематограф е комплетно реализирана.
  • За режисерот велат дека неговите филмови се критички вреднувани, но не се комерцијални успеси. Му посакувам овој пат успех и на двете полиња. Отсекогаш имав желба да снимам филм со Јоаким, посебно затоа што верувам дека додавањето бои и светла во филмовите. Обајцата верувавме во додавање шесто светло со цел да се потенцираат емоциите присутни во очите и природното во лицата на актерите, со кои нешта би можела да се поврза и публиката. Што се однесува до приказната, ми беше чест да работам на оваа тема, во фокусот е жена, што ме натера да мислам на мојата сопруга, женски роднини и пријателки и сметам дека се работи за тема со која би можеле сите жени да се поврзат.

Во филмот „Најлошата личност во светот“, главната актерка Ренате Реисве ја доби наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Кан.

За филмот Туксен изјави дека бил снимен со пристоен, но не многу висок буџет во времетраење од 11 недели, така што може да се каже дека не станува збор за комерцијален филм.

  • Јас не сум личност која би работела на филмови од типот на Марвел, не сакам големи приказни и сцени, сакам да работам на „мали“ приказни за „обични“ луѓе и карактери со кои би можеле да се поврзе публиката. Ако ме прашавте на каков тип филмови сакам да работам пред 10-15 години, немаше да ви го дадам овој одговор, но сега можам да кажам дека работам токму на оној тип филмови на кои сакам да работам.