Внесете малку лагом во вашиот живот во 4 едноставни чекори

Spread the love

Ехото на античката филозофија со милениуми го отвора патот на западниот начин на размислување за различни теми, од кои едната е умереноста и воздржаноста. Од предсократовците и златната средина на Аристотел, преку вековните филозофски школи кои подучувале на умереност и „живеење во хармонија со божествената причина“ како основен принцип нашироко познат како стоицизам, до Ралф Валдо Емерсон и неговата преформулација, содржана во зборовите: „Умереност во сите работи, особено во умереноста“.

Според Светскиот извештај за среќа (World Happiness Report), земји како Финска, Данска, Норвешка, Исланд и Шведска низ годините континуирано имаат меѓу најдобрите резултати на таканаречениот „индекс на среќа“.

Во последно време, светска популарност стекнаа некои зборови-концепти токму од овие земји, како на пример: данскиот збор hygge, кој може да се преведе како пријатна благосостојба, задоволност или пријателска благосостојба (што делумно одговара на француското bonhomie, шведскиот збор mysig или норвешкиот koselig), потоа зборот lykke кој исто така се преведува како среќа, финскиот збор sisu кој кореспондира на самодисциплина, незапрашана одлучност или сила за извршување одредени подвизи без разлика на сè, шведскот збор fika со видна моќ на социјализација која се однесува на многу повеќе одошто неговото директно значење (пиење кафе со торта во друштво), а овде секако влегува и шведскиот термин lagom кој ја олицетворува животната филозофија на Швеѓаните – умереност и доволност во земските задоволства.

Филозофскиот концепт на умереноста пропратена од самоконтрола и дисциплина се однесува и е длабоко поврзан со еден од 4-те кардинални доблести во стоичката етика, покрај мудроста, храброста и праведноста.

  • Умереност во храната (и сè околу неа)

Лагом е тесно поврзан со храната, што значи дека ако одите во шведски ресторан, веројатно е дека може да ја слушнете фразата „не голема, не мала, туку лагом порција“ од некој случаен муштерија. Тоа е донекаде систем од навики за одржување на животниот стил кој резултира со тоа да се има задоволство во храната и пијалоците во умерени количини, па затоа сè попопуларните привремени диети и режими на исхрана се нешто со што овој концепт не треба да се меша.

  • Научете да бидете задоволни со она што го имате

Тешко е да се долови колку е важен лагом за шведскиот културен менталитет во поширок контекст за одржување здрав синџир на рамнотежи, фокусирајќи се на главната, а тоа е рамнотежата помеѓу работата и животот (и како посебен поттип – балансот работа-игра), што доведува до помала анксиозност. помалку тешкотии и подобра одржливост во сите сфери на животот. Ова води кон сосема спротивното од материјалистичките нагони да се поседува (што повеќе) и консумеризмот со кој се испреплетени – води кон едноставното и неопседнувачко чувство на задоволност. Како и со секој механизам за развој на личноста, дајте си слобода и време што ќе ви требаат за да започнете да доживувате задоволство од она што веќе го имате, а стремете го својот живот кон освојување цели со поширока визија наместо предмети и лесно потрошливи нешта.

  • Започнете да прифаќате минималистички навики

Се чини дека краткото расчленување на лагом води кон тоа овој термин, освен кон умереноста, да реферира и кон повлекување на себеси од расипништво, раскош и секаков вид на прекумерност. Станува збор за дејство преку недејствување, универзален концепт со корени во древниот Таоизам, каде во прв план доаѓаат соочувањата меѓу спротивностите, меѓу среќата и несреќата, успехот и падот, еволуцијата и деградирањето на индивидуата во контекст на вечното Тао.

Затоа, обидете се да размислувате за тоа како што би размислувале за вашиот личен раст и напредок низ различните животни фази – со значителен степен на внимателно присуство во сè што правите.

  • Продолжете додека… не постои додека

Чоколадо од рано наутро, по некоја грицка доцна навечер, натпросечно скап часовник, чевли или чанта… секој исклучок од дисциплината треба да се гледа од перспектива на генералното тежнеење.

Неоспорна е слободата на секоја индивидуа да „дише“ кога и да се нафатила со следење правила и ориентирање на животот согласно истите. Слобода која по себе е борба против сведување на животот на безлична, повторлива и досадна рутина.

А сепак, секој исклучок поседува потенцијал да ја воведе можноста за надоврзување во цел систем од мали исклучоци, односно механизам на навики кои долгорочно само ослабуваат и исцрпуваат. Еден основен начин да се постигне постојан раст и личен напредок вклучува водење ментален (пишан или непишан) дневник за целиот процес, за што ќе стане збор понатаму. Затоа, нивото на внимателно присуство што ќе го поттикнете ќе биде одлучувачки фактор за вашите идни успеси во уметноста на лагом.