Животот како збир од разновидност на мигови, меѓу кои и такви кои поттикнуваат среќа

Spread the love

Дали е среќата навистина едноставна?

Одговорот кој се однесува на доживувањето на среќата, а зад кој стои оваа книга тежнее да биде потврден, но се поставува и уште едно прашање кое неминовно задира во погоре поставеното – дали вештината да се биде среќен е исто така едноставна?

Покрај среќата која ја чувствуваме при реализација на одредени цели и замисли, среќните мигови може да се и производ на вештината да се биде среќен.

Добро е да се запомни синтагмата „вештината да се биде среќен“, бидејќи „големата тајна“ зад „целиот пат до среќата“ (покрај вештината да се живее психофизички здраво и дисциплинирано), всушност, се сведува на учењето на оваа вештина, составена од неколку „под-вештини“, чие синергетско содејство всушност, разоткрива дека вештината да се биде среќен исто така си носи своја комплексност. 

Така, овде може да се вклучат, следниве под-вештини:

1) вештина да се устоличи присуството тука и сега над доживувањата поврзани со минатото и иднината; 2) вештина да се контролира доживувањето на присуството тука и сега – вештина да се доживува интензивно (пријатни емоции) во рамки на таквото присуство; 3) вештина да се воспоставува контрола над препреките на позитивниот континуитет од интензивни доживувања и со тоа да се овозможи подолго траење на среќата; 4) вештина за поврзување и надоврзување на среќните мигови и миговите на надминати препреки во холистичка целина.

Владеењето на секоја од овие под-вештини е многу важно, можеби и пресудно за синергијата врз чија основа се гради долгорочната среќа. Од една страна, потребно е интензивно да се ужива во моменталните напливи на среќа, од друга пак, за да се овозможи тоа суштинско е личноста да умее да биде тука и сега, притоа избегнувајќи ги стапиците на прекумерното мислење и емоциите врзани за времето надвор од сегашноста, а кои лесно може да го нарушат траењето на среќниот миг. Надоврзувањето на среќните мигови е олеснето кога личноста влегува во „среќно расположение“, односно по инерција на неколку пријатни мигови едноподруго, потсвесно, но и свесно трага по слични „мигови“ како моментални поводи за среќа, односно за продолжување на расположението. Ова е слично со влегувањето, на пример, во расположение на смеење, во кое кога веќе еднаш ќе се влезе, потоа како тешко да се излегува. По аналогија на ова, можеме да кажеме и дека е можно надоврзување на повеќе расположенија (како „единици среќа“ кои траат подолго од „миговите“) и продолжување, со свесна дисциплина, во подолги, „холистички“ целини на периоди на среќа. За да се стигне до ваквите повеќедневни, неделни и подолготрајни периоди на среќа е секако, неопходна и вештината врзана за воспоставувањето контрола над препреките на тој пат, односно решавањето на проблемите кои застануваат на патот на среќата, од егзистенцијален или објективен, односно есенцијален или субјективен тип.

Првата група проблеми е врзана за преживувањето и „реалните“ проблеми на секојдневието, додека пак, втората носи психолошки предзнак и во потесна смисла се врзува за внатрешните процеси во умот на индивидуата.

„Моменталната среќа“ може да се дефинира како интензивно доживување на пријатни емоции во еден релативно пократок временски период, блиску до она што вообичаено го подразбираме под терминот радост. Сепак, оваа дефиниција нема многу допирни точки со долгорочната среќа, заради што секоја, дури и најдепресивната личност која може да ја замислите е способна барем понекогаш (дури и интимно) да се почувствува среќно. 

Замислете состојба во која слушате извонредна мелодија со привлечен ритам која предизвикува екстатично ежење по целото ваше тело и истовремено чувствувате пријатни чувства, без воопшто да размислувате за што и да е. Додајте на ова уживање во вкусот на примамлива чоколада, допирање и гледање некоја живописен пејзаж. Комплетно друга реалност? Честото доживување на оваа „друга реалност“ како своевиден збир од „хедонистички“ краткотрајни задоволства т.е. релативно поинтензивни среќни мигови е, секако, само еден од типовите среќа. 

Моменталната среќа пропратена со сетилно задоволство е еден од најсовршените облици на психофизичка хармонија кој може да се воспостави. 

Од друга страна, се чини дека постои и пристап кој повеќе се однесува на општото и немиговно чувство на исполнетост втемелено врз спокојство, животна насока и нешто подолготрајни, односно „постабилни“ емоционални состојби, неретко со извесна доза на „рамнодушност“ кон ваквите „среќни мигови“. 

Но, погледнат поодблизу, овој тип среќа, често карактеристичен за повозрасните личности, повторно подразбира збир од доживеани мигови среќни мигови тука и сега, и нивно поврзување во целина, располагајќи со вештина за совладување на потенцијалните препреки.

Се чини и дека „отрпнатоста“ на овие индивидуи од сите проблеми кои ги носи животот не им дозволува среќата да ја „земаат здраво за готово“, па и интензитетот со кој ги доживуваат миговите е во граници на она над што лесно се воспоставува контрола.

Наместо интензивноста во доживувањето на миговите, кај нив повеќе се развиле третата и четвртата вештина, особено оддржувањето генерална и стабилна емоционална насока врзана за имањето предвид на разните претстојни егзистенцијални препреки кои (треба да) се решаваат, а среќата, која само на мигови „излегува од нормалата“ е пред сè „зачин“ на внатрешното чувство на исполнетост од генералната насока во која се движи животот.

Оваа мудро искалена стабилност подразбира делумно воздржување од секакви интензивни емоции, вклучувајќи ја и (пре)наглата среќа.