Промоција на стихозбирката „Сонцестој“ од Катерина Гогова

Spread the love

На 26 април во 19 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на стихозбирката „Сонцестој“ од Катерина Гогова во издание на Книгоиздателство МИ-АН од Скопје. За книгата ќе зборува промоторката Снежана Стојчевска, а стихови ќе читаат Биљана Стојановска и Елена Митреска.


Во описот на оваа трета по ред поетска книга Гогова пишува за синонимот сонцестој како астрономска појава која е дефинирана од однесувањето на Сонцето дури Земјата се врти околу него и нејзината замислена оска.
„Па така постојат зимскиот сонцестој или најдолгата ноќ во годината и летниот сонцестој односно најдолгиот ден во годината. Во првиот циклус каде што темницата стои на другата страна, насловот е речиси предупредување, читателот треба смело да ја прегрне ноќта која покрај тоа што е најдолга ќе му открие вистини на кои не е лесно да им се погледне во очи но, само тогаш доаѓа вистинската катарза. Вториот циклус е асоциран со најдолгиот ден ама ниту тој не е целосно светол дури и на оние места во светот каде што на полноќ може да се забележи сонцето на небото. Овде копнежот за полноќното сонце им ја наклонува добрината на боговите на љубовниците, на исток се раѓа песна, а сонот уште тивко спие.“ – стои во описот на делото на авторката.
Снежана Стојчевска во рецензијата кон „Сонцестој“ за сонцето вели дека е појдовна, но и централна тема во оваа книга и дека е всушност инструмент со кој се мери течението на времето.
„Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг и тн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа.
Гогова со оваа книга докажува дека веќе е зрел, изграден и препознатлив поетски глас. Континуитетот на нејзиниот поетски израз доживува градација и се развива во нагорна линија на квалитет и мајсторлук на поетскиот занает, што го прави читањето на нејзините книги вистинско поетско уживање.“ – уште пишува Стојчевска за книгата.
Катерина Гогова е авторка на стихозбирките „Актите се кастрирани“ (Современост, 2018) и „Пад во немирна вода“ (Дом на култура „Кочо Рацин“, 2018) со која станува десетти носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.

Избор поезија од стихозбирката „Сонцестој“

Сè што треба е малку

Сè што имам
можам со две раце да износам,
светот ми е мала лулашка,
ми се превртува во утробата
кога ќе му се приближам,
тлото кога се отуѓува
кон небото растам.

Неизмерно се радувам,
ја мерам бојата на океанот,
највисоките врвови се точки
од каде повторно ќе тргнам,
јас, тој и неговата месечина,
на полноќ се нишкаме
дури вселената се стишува.

И знам приказни
кои само мене ми ги раскажува,
гласот не му се слуша,
од времето се одрекува,
штом ќе зајде денот сништа плете,
ме научи да летам и да сонам,
сè што треба за да расте едно дете.

Љубов

Дојди како Бог,
случаен гостин во домот
чии ѕидови полека молчат.

Круната што ти го боцка челото
нека одмори дури
некој прави утринско кафе.

Трпеливо спушти го погледот
штом слушнеш клетва,
детскиот плач
може да ти го стемни ликот,
еј, дури се свртиш
молитвата ја забораваш, слушај!

Дојди како Него,
овде си на безбедно,
никој на оној свет не те сакал повеќе.

Деноноќие

На овие ноќи
тајно им се измолкнаа
редови молчење,
броење минути до светата средба
помеѓу топлите бубалки на јули
и покосените ливади.

Овој чудесен свет ќе сврти
уште еден круг околу сонцето.
Некои денови
се раѓаат во крвта
која се пролева
од истрошени сни.

Секој миг се сомневаме
дали може да се избегне дождот
кој натежнал над планините,
дали се скротува бранот
што ги потопува бродовите.

Најмил и таен гостин на изгревот,
со потпис на почеток и крај,
родена вљубена во нас, на исток,
заспива и сонува паднати ѕвезди,
секогаш светла и бела, во среде мракот.