Песна за македонската Песна – Стефан Марковски

Spread the love

Пискотници се слушаат
од телото што моли до зборот што боли
шумолат скришно таговно
тие тажни заробеници на ветрот
што ги виори на дрвјата гранките и на гранките лисјата
везат тие преграб црн околу вратот,
со конец на морничави таги
в темница што трека ил в зора вкрвавена
што навева сал коб и зла.

Нивните гласови песна се за мојата песна
в краја пренесена од тишината
што сама ќе го рече
она за кое зора црвенее
сето за кое срце црнее.

– Синот тих на мисла сина,
пукаат тие рафал од душа
и кога умира треба да пее;
макар и со грутка на срце и каракамен на гради
една и секогаш иста
проста и строга македонска песна
вивната со орелски крилја над една земја
в пролет што ја буди југот
над полиња житородни и над една голема трпеза
на која орачите го кршат својот леб
да пукаат како слово исказаное заради умирание
да го парчат небото ко молскавици
како грмотевици да ги пеплосаат
Бистрине, Корабине
и можеби едно ехо ќе дојде тогаш
за последен пат на сртот од еден
оган што ја натпеал пепелта
и до дванаесет часа на ноќ
боли што не постои
оган длабоко што боли зашто не постои
и го нема в срце
кое боли зашто го нема
сосе болката во тоа срце
за кое сегде острат нож
а тоа на крај ќе си почине од убавина што уморува
убавина мајски јоргован
што бои памучен хоризонт без линии
пред ова темно месо на земјата и ноќта
носено од уморените коњи на просторот

О, ти, песно посестримо
што чекориш каде в слана тивко вене цвете
кај ти е без нас алот!
Крени наведната лика
ела и усили се
и откриј ја својата тајна во сонот вечен, вечна недостиг
за да го доболиме болливото
за да го догледаме гледливото
за да ги разбереме световите од тажни прикаски
за да го видиме светот братски – куќа што ни е
како гледачи во пепелта низ окото на светлиот
што ќе ти ги видат соновите
раскажани низ еден
неизоставен, непогрешлив, минуциозен
бран од милувања
на деветте постели од хартија од девет градини оградени
или само од оган што ја натпева пепелта.