Објавена монографијата „Македонската книжевна критика во XIX век“ од Славчо Ковилоски

Spread the love

Во издание на Институтот за македонска литература е објавена монографијата „Македонската книжевна критика во XIX век“ од д-р Славчо Ковилоски. Книгата претставува своевидна историја за појавата и развојот на критиката во новата македонска книжевност и со неа се покажува развојот на македонска книжевна критика и книжевност во изминатите два века. Во неа се презентирани педесетина автори со преку стои и педесет критичко-есеистички текстови кои во иднина треба да заземат свое место во каноните на македонската литература.

Без критичките одгласи од и за Теодосиј Синаитски, Партенија Зографски, Константин Миладинов, Григор Прличев, Трајко Китанчев, Крсте Мисирков и останатите македонски книжевници не би бил возможен развојот на македонската литература во XIX век, но и на македонската литература од XX и XXI век, во жанровска и естетска смисла. Притоа, се утврдува дека постоела македонска книжевна критичка мисла од ова време и се покажува дека таа во XX век не е пројавена ad hoc, како што беше презентирано од страна на некои книжевни критичари во минатото. Поради тоа, изготвена е соодветна периодизација и типологизација, а подетално се анализирани и одредени критички осврти кои своевремено ја бранувале тогашната јавност.
Според рецензентот проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, книгата „претставува новина во македонската наука за литературна историја, а воедно и во македонската наука за литература и култура воопшто.

Со овој свој научен труд авторот Славчо Ковилоски пополни една празнина во нашата литературна историја, која е неопходна за проучувањето на развојот и на континуитетот на македонската литература како и на науката за литературата и за културата воопшто. Секако оценката за оваа вонредно значајна книга се надополнува не само од потребата да истакнеме дека покрај тоа што таа првпат нуди можност на едно место да се проследи развојот на македонската критичка мисла во XIX век туку затоа тоа што во неа се внесени и низа познати, како и помалку познати имиња кои со своето дело го овозможиле не само развојот на македонската литература туку и на македонската култура“.